16. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ралев: Скопје 2014 е вирус што му се случи на главниот град и денес тој е во поствирусна состојба

Без поттик, политички поттик, ние архитектите не можеме сами да си зададеме своја задача, ние имаме и даваме идеи, но мора некој тоа да го спроведе низ некаков некаков систем, порача архитектот и професор Мишко Ралев во интервју за рацин.мк во одговор на прашањето дали Скопје 2014 е проект на архитектите или на политичарите.

Ралев истакна дека проектот Скопје 2014 е своевиден вирус што му се има случено на главниот град.

„Јас реков и го нарекувам и сега Скопје 2014 вирус, затоа што од вирусот ние имаме сега пост вирусна состојба.

Дишните патишта ни се такви какви што се, гледате Скопје какво е. Немаме слободни површини, јавните површини веќе никој не ги ни користи, сѐ е запуштено. Дури и ако најдете некаква шема која што може да ја препознаете како интелигентна урбана шема, вие не можете да ја користите и не ви претставува никаков социјален и урбан предизвик затоа што е тотално девастирана, затоа што е пренатрупана со ѓубре, нечиста, претрупана со непотребни работи“ истакна Ралев.

Професорот додава дека денес во Скопје јавните простори ги има се помалку, а и на оние кои постојат нема многу граѓани и нема голема социјална активност.

„Вие не можете пешки да одите, да речеме да направите една фина разонода во една таква шема како што е булеварот Партизански одреди, каде што живеам, каде што се шетам, каде што можете да отидете неколку километри низ еден дрворед. И таа шема ја препознавате. Имате зеленило, имате пешачка патека, зеленило, велосипедска патека и булевар. Но тоа е толку запуштено што едноставно немате предизвик тоа да го направите. И што се случува сега? Ние всушност, граѓаните во Скопје, живееме во ентириерот на градот. Ние живееме во архитектонските внатрешности. Нас ни е страв да излеземе надвор, излегуваме само кога треба. Дали сте виделе деца да играат, луѓе коишто шетаат? Има многу мали точки каде што се одвива некаква социјална активност.

Сега се затвораме по молови. Во Истгејт, во Ситимол, затоа што таму е таа артефицијална средина која што е одржувана и која што е приватна. Нели, а треба да биде јавна“ заклучува Ралев.

Фото: Рацин.мк