2. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Археолозите открија гробница на древен египетски фараон

Археолозите открија голема варовничка погребна комора на неидентификуван древен египетски фараон во близина на египетскиот град Абидос, кој датира од пред околу 3.600 години, од времето што го одбележа хаотичен период во египетската историја.

Музејот на Универзитетот во Пенсилванија и египетските археолози објавија дека откриле гробница седум метри под земја, во античката некропола на планината Анубис. Ова е второ откритие на гробница на древен египетски фараон од почетокот на оваа година.

Погребната комора откриена во јануари во Абидос, важен град во древниот Египет лоциран на околу 10 километри од реката Нил, била празна, што значи дека одамна била ограбена од разбојници на гробници. Името на кралот кој некогаш бил закопан внатре првично било запишано во хиероглифски текстови на малтерисана тула на влезот во комората заедно со насликани сцени кои ги прикажуваат божиците Изида и Нефтис.

„Неговото име беше во натписите, кои не ги преживеаја ограбувачите на античките гробници. Меѓу кандидатите се и кралевите по име Сенаиб и Паентжени, кои ги знаеме од спомениците во Абидос – тие владееле во тоа време, но чии гробници не се пронајдени“, рече Јозеф Вегнер, професор по египетска археологија од Универзитетот во Пенсилванија, еден од водачите на ископувањата.

Покрај украсениот влез, погребната комора содржела низа други простории покриени со сводови високи пет метри од глинени тули.

Гробницата датира од времето познато како Втор меѓупериод, кое траело од 1640 година п.н.е. до 1540 година п.н.е., a го премости периодот на Средното и Новото кралство, кога египетските фараони беа меѓу најмоќните фигури во регионот.

„Политичката историја на таа ера е фасцинантна и не е целосно разбрана, тоа е еден вид период на „завојувани држави“, кој на крајот го роди Новото кралство на Египет“, рече Вегнер./Извор:Makfax