Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, денес се одржа воена свеченост по повод примопредавање на должноста командант на Командата за обука и доктрини (КОД). Должноста командант на КОД од полковник Васко Коколански ја прими бригаден генерал Лулзим Нуредини, кој со укази на претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова е поставен на оваа должност и унапреден во бригаден генерал.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање пред присутните изрази благодарност до полковникот Коколански за сè што направил за КОД, а е клучно за успехот и високото позиционирање на командата. Генералот Лафчиски честитајќи му ја должноста на новопоставениот командант, бригаден генерал Нуредини, му порача како досегашен заменик на оваа команда да остане посветен и решителен, а применувајќи ги своите знаења и вештини да ја води командата во вистинска насока и нови победи.
Новопоставениот командант, бригаден генерал Нуредини се заблагодари за дадената доверба да раководи и командува со КОД. На полковникот Васко Коколански, во името на сите припадници на КОД, му оддаде почит со доделување на Плакета за придонесот во изградбата и развојот на единицата и досегашната соработка, како и вложениот труд за подобрување на борбената обука и вложениот личен придонес во развојот на единицата и постигнатите резултати.
Полковникот Коколански во својот говор им се заблагодари на сите припадници на КОД за вложениот труд за време на неговиот мандат, а на генералот Нуредини му посака успех во работата на оваа должност, притоа ветувајќи ја неговата понатамошна поддршка. Воедно тој изрази уверување дека КОД ќе прерасне во институција којашто силно ќе влијае во јакнењето и градењето на капацитетите на Армијата.
На денешната свеченост, покрај началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и заменик-министерката за одбрана Елфете Исмаили, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот бригаден генерал Орце Јордев, командантот на 1.пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставник од кабинетот на претседателката, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Генералштабот на Армијата, команданти на потчинетите единици, претставници од воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа и други гости.