Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Манев сведочеше во судот: Палчо го застрела Панче Жежовски, кога се спротивставив, ми рече: „Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“

Едниот од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Велибор Манев, во судница даде исказ за двократното убиство изнесувајќи сѐ до најморничави детали.

Манев рече дека со Боре Видевски, Љупчо Палевски и Влатко Кешишев се познавале од порано, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, никогаш не го видел.

Како што од претходно беше познато, Манев се познавал со убиениот Панче Жежовски и му работел во куќата по што му останал должен 1.500 евра за бекатон-плочките. Парите не ги добил.

Манев рече дека заедно со Влатко Кешишев ја копале скривницата, каде што, според првичниот план, требало да ги сместуваат грабнатите. Планот бил да се чуваат и да се пуштат кога ќе се изврши наплатата. Според тоа, Жежовски првично требало да биде грабнат и спуштен внатре врзан, а потоа да се искористи неговиот автомобил за да се грабне жена на возраст од 38 до 40 години, па да се направи замена.

Жежовски го грабнале на 23 ноември. Раскажа дека го турнале, му ги врзале рацете, а Палчо потоа влегол во куќата и ги зел клучевите од автомобилот. Го ставиле Панче во багажникот и го однеле до отворот на дупката.

„Се наведнав да го одврзувам, Палевски влета наеднаш и му испука куршум во слепочницата. Јас останав без зборови, скокнав и излегов надвор од шумичката. Бев во ситуација пред колабирање. Се тресев од она што го видов. Го видов и Боре како излегува молчешкум од местото, а Палевски го преврте Панче сосе церадата во дупката. Потоа дојде до мене и го прашав – зошто ова, не требаше вака. Тој ми рече, вака е почисто, нема што да се секираш. Му реков дека не сакам вака да продолжам, зашто за такво нешто не сум ни помислил. Ми рече, цитирам: ‘Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија!’“, рече Манев.

Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви./Извор:Makfax