Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Обвинителството на БиХ нареди приведување на Додик

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба за приведување на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, на сослушување.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од судската полиција со асистенција на која било полициска агенција, пишува „Кликс“. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело нарушување на уставниот поредок.

Од прес-службата на Вишковиќ во РС потврдија дека добиле информации за налогот за апсење потпишан од државниот обвинител Ќазим Хасанспахиќ. Оваа наредба, наводно, била проследена до правосудната полиција, Министерството за внатрешни работи на РС и Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), но од Обвинителството на БиХ нема коментар.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ не се јавија на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит. Доколку не бидат приведени, ќе биде издадена внатрешна потерница според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе, вклучително и Граничната полиција.

Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна./Извор:Makfax