Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тошковски во посета на Азербејџан: Градиме пријателства со цел поефикасно справување со современите безбедносни предизвици

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера и денеска е во работна посета на Азербејџан по покана на азербејџанскиот министер за внатрешни работи Вилајат Ејвазов.

Министерот Тошковски истакна дека оваа средба е од големо значење за зајакнување на билатералната соработка во областа на безбедноста и размената на искуства во современите безбедносни предизвици.
„Со министерот Ејвазов дискутиравме за форми на соработка кои досега не биле воспоставени. Азербејџан, како стратешки важна земја која поврзува различни региони, има богато искуство во справувањето со безбедносни закани од глобален карактер. Токму затоа, договоривме да ја формализираме идната соработка преку Договор за безбедносна соработка и Меморандум за разбирање помеѓу нашите центри за обука. Ова ќе овозможи размена на искуства, заеднички обуки и унапредување на капацитетите на безбедносните структури.“, потенцираше министерот Тошковски.

Во рамки на посетата делегацијата на МВР имаше можност да се запознае со напредните системи за безбедност во Азербејџан, особено со нивниот систем „Безбеден град“ и Интелигентниот систем за менаџмент на транспортот. Овие системи се меѓу најсовремените во светот, а дел од нивните искуства ќе помогнат при развојот на нашиот национален систем за урбана безбедност.

Меѓународната соработка во областа на безбедноста е суштински важна, дури и со земји кои географски се далеку од нас. Светот денес се соочува со нови и комплексни предизвици, кои не познаваат граници. Размената на искуства, добрите практики и партнерствата со држави кои имаат развиени решенија за безбедност придонесуваат за зајакнување на нашиот систем, а со тоа и за повисоко ниво на заштита на нашите граѓани.