Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото МДТ
МАКЕДОНИЈА

Андоновски: СДСМ да престане да манипулира и да излезе од својата криминална матрица, заштедени се средства на граѓаните

Интегрален текст од пресконференцијата на Министерот Стефан Андоновски:

Министерството за дигитална трансформација е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето. Во Министерството за дигитална трансформација во последните 8 месеци се спроведени десетици јавни набавки. Само во еден случај постоела жалба при спроведувањето, и со нејзино делумно прифаќање истата е поништена.

Во врска со наводите на СДСМ, која се уште не може да се помири дека не ги води институциите со криминал и наместени јавни набавки, сметаме дека и самите не веруваат во она што го зборуваат.

Сепак би го истакнале следното:

Станува збор за набавка на конференциска и презентациска опрема на која, за жал пријавена е само една компанија, и покрај широките и објективни критериуми кои беа утврдени во истата. Најверојатно заради однесувањето на СДСМ и ДУИ како Влада во минатото, тоа е честа пракса во рамки на процедурите за јавни набавки, дури и кај наједноставните побарувања. Избраната компанија ги исполнила бараните услови и критериуми, а за постапката никој не вложил никаква жалба.

ЛАГА бр 1 на СДСМ е дека договорот е на сума од 2.5 милиони денари.

Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е за скоро 40% поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин, заштедени се околу еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направена анализа, направени се заштеди од 10% до 45% по производ споредено со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект кој СДСМ го блокираше, е мала набавка во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните за до 40%.

Државниот секретар во Министерството не учествува во ниту еден постапка за јавна набавка, во ниту една фаза. Нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството. Оттука, не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.

Не треба да ја потсетувам јавноста кога семејствата и фамилиите на министри во труд и социјална политика и директори кои носеа одлуки за јавни набавки, водеа омилени компании за јавни набавки.

ЛАГА бр 2 е дека јас имам некаква вмешаност во изборот, техничката спецификација или севкупно набавката. Таа ја вршат стручни и објективни членови на комисии, а нивната работа се цени по тоа што нема ниту една жалба за набавката.

Од друга страна, немам законска можност или простор за истражување на контактите на секој вработен во министерството со приватни компании. СДСМ треба да знае дека доколку при соодветно исполнети услови, се пристапи кон поништување на постапката, Министерството се изложува на можности за тужби и сносење судски трошоци, нешто што било негативна пракса претходно и за која се уште плаќаме.

Како отчетно министерство, стоиме на располагање на сите надлежни институции да споделиме информации и документи за оваа или други процедури за јавни набавки. Ги повикуваме и ДКСК и јавното обвинителство, доколку сметаат, да ги истражат сите наводи кои би се сметале за спорни. Ние сме убедени во законитоста на постапките и нивниот ефект.

На крај дозволете да кажам дека СДСМ со недели не престанува да ме навредува, омаловажува, лаже за мене и моето семејство. Ги повикувам за изнесените невистини и лаги и на денешната прес конференција да се извинат. Во спротивно, го задржувам правото и можноста да побарам нивна одговорност за навреда и клевета пред судовите во Македонија.