Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Макрон: Предлагаме едномесечен прекин на огнот во Украина

Франција и Велика Британија предлагаат едномесечен прекин на огнот во Украина „во воздух, во море и во енергетската инфраструктура“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за весникот „Фигаро“.

Британскиот премиер Кир Стармер вчера, пред состанокот за Украина во Лондон, објави дека Париз и Лондон развиваат „план“ за запирање на борбите.

Прекинот на огнот првично не би се однесувал на борбите на теренот бидејќи „би било многу тешко да се контролира прекинот на огнот“, бидејќи бојното поле е огромно и одговара на растојанието меѓу Париз и Будимпешта, објасни Макрон.

Можноста за распоредување на европските сили, во кои се подготвени да учествуваат Франција и Велика Британија, ќе се разгледува само во втората фаза, продолжи тој.

„Во следните недели нема да има европски сили на украинска територија“, изјави Макрон за „Фигаро“. „Прашањето е како ќе го искористиме тоа време и ќе се обидеме да постигнеме остварлив прекин на огнот, со преговори кои ќе траат неколку недели, а потоа, откако ќе се потпише мирот, распоредување на силите“, додаде тој.

„Сакаме мир. Не го сакаме по секоја цена, без гаранции“, рече францускиот претседател.

Париз и Лондон се обидуваат да обезбедат американска заштита за своите сили, кои на крајот би биле испратени во Украина по мировниот договор, во форма на безбедносни гаранции што САД би му ги дале на Киев.

Париз и Лондон се обидуваат повторно да воспостават дијалог меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, по нивниот спор во Овалната соба на Белата куќа во петокот, според француските власти.

Макрон рече дека Франција и другите европски земји мора да трошат повеќе за одбрана. Фигаро рече дека тоа може да значи меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП. Исто така, рече тој, Европската комисија мора да биде поиновативна во финансирањето на одбраната./Извор:Makfax