28. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ до Трамп: Ќе користиме „базука“, нашето најмоќно оружје поради царините

ЕУ соопшти дека е подготвена да го употреби своето најсилно трговско оружје против САД откога претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто и рече дека ЕУ е создадена за да ја измами Америка.

„Имаме инструмент против принуда (АЦИ) и ќе бидеме принудени да го користиме“, рече комесарот за земјоделство, Кристоф Хансен, во Париз по средбата со неговата француска колешка Ани Женевар на саемот „Салон де л’Агрикултура“.

Механизмот што го споменува, т.н. трговската базука на ЕУ, беше дизајнирана за време на првиот мандат на Трамп и првично беше наменета како пречка против Кина. Тоа ѝ дозволува на Европската комисија да ја ограничи трговијата со услуги доколку оцени дека некоја земја користи царини за стоки за да ја принуди ЕУ да ја промени политиката. Заканите на Трамп за царини спаѓаат во таа категорија, според европските претставници.

Кога АЦИ беше изгласан во 2023 година, некои европски претставници го нарекоа „базука“. Неговата примена овозможува широк спектар на одмазднички мерки, вклучувајќи го прекинувањето на заштитата на интелектуалната сопственост и ограничувањето на комерцијалната експлоатација, што може да значи забрана за преземање софтвер и користење услуги за стриминг.

ЕУ исто така може да ги ограничи странските инвестиции или да го блокира пристапот до европскиот пазар за американските банкарски, осигурителни и финансиски компании. Сепак, и покрај своето искуство со воведување тарифи за стоки, ЕУ не сака да го прошири конфликтот во областа на услугите и интелектуалната сопственост.

Забелешките на Хансен дојдоа еден ден ппо заканата на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на автомобилите и сè друго предизвикувајќи бура од гнев во Европа. Политичарите јасно ставија до знаење дека е време за решителен одговор од Брисел.

„Нема да дозволиме да бидеме заплашени ниту со царини ниту со закани за нашето законодавство“, рече Бернд Ланге, германски социјалдемократ, кој претседава со Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент.

„Европската Унија не е создадена за да изигра некого“, му одговори полскиот премиер Доналд Туск на Трамп во објавата на платформата X. „Сосема спротивно. Таа е создадена за да го зачува мирот, да изгради меѓусебно почитување меѓу нашите народи, да овозможи слободна и фер трговија и да го зајакне нашето трансатлантско пријателство. Тоа е само така“, додаде тој./Извор:Makfax