28. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Почнаа преговорите за состав на новата германска влада

Во Берлин почнаа прелиминарните разговори за формирање германска коалициска влада меѓу Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Според информациите, првата средба на водечките претставници на Унијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД, предводена од кандидатот за канцелар на Унијата и претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, и потпретседателот на СПД, Ларс Клингбејл, треба да ја елиминира атмосферата на несогласување создадена за време на изборната кампања.

Покрај Мерц и Клингбејл, во преговорите од секоја страна учествуваат вкупно девет преговарачи, вклучувајќи ги и генералните секретари на партијата и премиерите на некои од поважните сојузни држави.

Веднаш по изборната победа минатата недела, на која ЦДУ/ЦСУ освои 28,5 отсто од гласовите, Мерц најави дека поради огромните задачи и во внатрешната и цо надворешната политика, сака што побргу да формира функционална влада, по можност до Велигден, во април.

Според информациите на јавниот сервис АРД, разговорите почнале порано од планираното, што укажува на желбата за што побрзо формирање влада.

Потпретседателот на СПД, Клингбејл, во исто време рече дека СПД сака преговори, но нема да влезе во коалициска влада по секоја цена.

Во првите разговори треба да се утврди и груб распоред за преговорите. Се проценува дека контроверзните теми би можеле да вклучуваат миграција и нов долг.

СПД исто така сака да ја запре нерегуларната миграција, но ги смета плановите на ЕУ да ги одврати сите мигранти на границата неуставни.

И покрај неговиот историски успех, Алтернатива за Германија (АФД), екстремно десничарска, популистичка и националконзервативна партија, која освои 20,8 отсто од гласовите на изборите, остана политички изолирана бидејќи сите демократски партии категорично отфрлија каква било коалиција со нив./Извор:Makfax