Цените на основните прехранбени производи да бидат замрзнати во следните три месеци, предложи денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој покрај оваа, наведе уште шест други мерки, кои според него треба да го подобрат нарушениот животен стандард на граѓаните.
Филипче потсети дека мерка за замрзнување на цените се спроведувала и претходно и дека истата дала ефект.
„Ние ваква мерка пред околу две и пол години веќе имплементиравме, кога се замрзна цената на лебот на одреден период”, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ издвои уште неколку мерки кои реализирани заедно ќе доведат до пад на цените, а побара и итно спроведување на Законот за спречување нефер трговски практики.
„Во рамки на сетот мерки е и мерката за фиксирање на маржите за основните прехранбени производи, со што ќе се елиминира ризикот од манипулации и прекумерно зголемување на цените од страна на трговците. Исто така, СДСМ бара итно спроведување на Законот за нефер трговски практики, кој е клучен за заштита на потрошувачите од манипулации и нефер практики на пазарот. Овој закон беше донесен од Владата СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ не го спроведува. Филипче потенцираше дека целиот овој пакет на мерки, може сериозно да придонесе до намалување на цените на прехранбените производи“ порача Филипче.