Три силни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, утрово за само седум минути го погодија Санторини.
Првиот земјотрес беше во 8.09 часот со јачина од 4,2 степени. Две минути подоцна следуваше уште еден од 4,3, а во 8.16 часот беше најсилниот земјотрес од 5 степени според Рихтеровата скала. По само неколку минути, земјата повторно се затресе.
„Навистина се чувствуваше“, „Се тресеше“, „Го почувствувавме дури и во Калитеа“, објавија луѓето на ЕМСЦ.
Најсилниот земјотрес бил на длабочина од 14 километри, а епицентарот бил на 21 километар североисточно од селото Оја. Во истото подрачје со денови се регистрирани стотици земјотреси со над 3 степени според Рихтеровата скала.
Во последните денови повеќе од 10.000 луѓе и туристи во паника го напуштија островот, а вчера властите прогласија вонредна состојба поради силните земјотреси./Извор:Makfax