23. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Трамп: Воведувам царини за ЕУ и Кина; ЕУ: Подготвени сме, имаме многу опции

Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе воведе царини за Европската Унија. Трамп рече дека ЕУ и другите земји имаат загрижувачки трговски суфицити со САД.

„Европската Унија се однесува многу, многу лошо со нас“, рече тој. „Значи, тие ќе мора да се соочат со царините. Тоа е единствениот начин да се дојде до правдата“, додаде тој.

Трамп изјави дека размислува за воведување царина од 10 отсто за увоз на кинески стоки веќе од 1 февруари. Во претходните изјави за новинарите во Белата куќа тој ја оправда оваа мерка со тврдењето дека Кина испраќа фентанил во САД преку Мексико и Канада. Овие изјави следуваа по заканите на Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада.

Еврокомесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, вчера му подаде рака на помирување на Вашингтон, само два дена откога американскиот претседател положи заклетва. Шефчовиќ во интервју за „Политико“ рече дека Брисел е подготвен да соработува со новата администрација во Вашингтон – и покрај постојаните закани на Трамп дека ќе воведе царини за стоки од блокот од 27 земји членки.

„Многу внимателно ги следиме пораките што доаѓаат од Белата куќа“, рече Шефчовиќ во своето прво интервју по преземањето на функцијата во декември говорејќи на маргините на Светскиот економски форум. „Нашата порака е јасна: подготвени сме за дијалог. Сакаме да ставиме пакет за соработка на маса и отворени сме да разговараме за сите прашања што ги мачат нашите американски партнери. Можеме да градиме соработка на тоа“.

Заканите на Трамп за царини предизвикаа загриженост во Брисел и меѓу владите во Европа во време кога економијата на континентот е ослабена. Неговото ветување дека ќе воведе остри царини за Кина предизвика стравувања дека евтините кинески производи, кои инаку би завршиле на американскиот пазар, би можеле да го преплават европскиот пазар.

Изјавите на Шефчовиќ, во кои тој ја изразува својата подготвеност за отстапки, го следат планот на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, која во вторникот испрати суптилна порака до Трамп. Иако не го спомна директно, таа посочи дека ЕУ има многубројни можности, меѓу кои и зајакнување на соработката „не само со долгорочните партнери со слични ставови туку и со сите земји со кои споделуваме интереси“, пренесува медиумот.

Фон дер Лајен веќе сугерира дека еден начин да се одврати Трамп од новите царини може да биде зголемувањето на увозот на американскиот течен природен гас. Друга опција да се добие корист на Вашингтон би била набавка на американска воена опрема.

Иако Трамп допрва треба да ја исполни својата закана дека ќе воведе универзални царини по преземањето на функцијата, тој продолжи да ја критикува ЕУ обвинувајќи ја дека има голем трговски дефицит меѓу двете страни на Атлантикот.

„Воопшто не ги увезуваат нашите автомобили. Речиси воопшто не ги купуваат нашите земјоделски производи. Тие земаат малку. Имаме трговски дефицит од 350 милијарди долари со Европската Унија. Тие нè третираат лошо и затоа ќе мора да се соочат со царини “, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.

„Овој однос е толку важен и вреден што мораме да го заштитиме. Треба да се фокусираме на тоа како дополнително да го подобриме“, нагласи Шефчовиќ истакнувајќи дека трансатлантската соработка сочинува повеќе од 40 отсто од глобалниот домашен бруто-производ./Извор:Makfax