23. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Додека пациентите на онкологија чекаат терапија, владата троши на авиони и мебел

Онколошките пациенти во Македонија веќе седум дена се без биолошката терапија што им е неопходна за спас на животот, предупредува СДСМ. Според нив, оваа состојба претставува „вистинска хуманитарна катастрофа“ и директен резултат на крајно аматерскиот и неорганизиран пристап на власта.

„Наместо решенија за пациентите, за граѓаните ја слушаме власта со изговори“, истакнуваат од СДСМ. Тие укажуваат на серија оправдувања кои доаѓаат од надлежните институции – од комплицирани административни процедури и немање време за регистар за лекови, па сè до признанието дека „зголемениот број на пациенти“ ги надминал капацитетите на системот.

СДСМ го обвини директорот на Фондот кој ја оставил Клиниката за онкологија неподготвена за набавка на лекови. „Клековски се правда дека една од причините за недостигот на биолошките лекови е укинувањето на дозволата на директорите да ги набавуваат овие лекови на реверс. Но, ако цела 2024 година не се земале лекови на реверс, што се чекало до сега?“, прашуваат од СДСМ. Ваквите изговори се недозволиви во услови кога е во прашање човечки живот. Дали власта знае дека животот на пациентите со метастатски канцер е загрозен и зависи токму од оваа терапија?“, се прашуваат од партијата.

СДСМ директно ги обвинува премиерот Мицкоски и министерот Таравари за неспособност да управуваат со здравствениот систем. „Овој колапс што се случува на Клиниката за радиотерапија и онкологија е уште еден показател за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари да одговорат на потребите на граѓаните и генерално на целокупниот здравствен систем. Лекови од донации, а владата авион сака да купува и илјадници евра за шетање по странство да троши, пари на граѓаните“, велат од СДСМ, додавајќи дека ваквото однесување е пример за тотална незаинтересираност и неодговорност кон пациентите.

Во завршницата, СДСМ повикува на итна акција за спас на здравјето и животот на пациентите. „Граѓаните заслужуваат здравствен систем кој функционира превентивно, одговорно и во интерес на нивното здравје. Никој и ниту една влада нема право да го ризикува здравјето на граѓаните!“