23. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ обвинува: Наместо терапија за пациентите на онкологија, власта троши пари на луксуз

Здравствениот систем е во колапс, онколошките пациенти во Македонија веќе седум дена се без биолошката терапија која им е неопходна за живот. Наместо итни решенија, од надлежните слушаме само оправдувања и префрлување на одговорноста, обвинуваат од СДСМ.

Белкиса Зеќири од Комисија за здравство СДСМ ја потенцира хуманитарната катастрофа која произлегува од „крајно аматерскиот и неорганизиран пристап“ на власта. Изговорите за „комплицирани административни процедури“ и „зголемен број на пациенти“ не се соодветни во услови кога животот на онколошките пациенти е директно загрозен.

Според СДСМ, дополнителна вина лежи во неодговорноста на Фондот за здравствено осигурување, чиј директор доцнел со преземање на мерки и планирање на набавките. Укажуваат дека целата 2024 година не биле набавувани лекови на реверс, што поставува прашање – зошто никој од надлежните не реагирал навремено?

„Животот на пациентите со метастатски канцер е сериозно загрозен поради ваквата неодговорност,“ велат од СДСМ. Одговорноста за овој колапс, според нив, е кај премиерот Мицкоски и министерот Таравари, кои не успеале да одговорат на потребите на граѓаните.

Дополнително, се истакнува дека ветените реформи и подобрување на здравствениот систем останале само празни зборови. Во меѓувреме, владата троши пари на луксузни проекти, мебел и нови авиони, додека за пациентите се обезбедуваат лекови преку донации – што според СДСМ, е недостојно и срамно.

Од СДСМ ги повикуваат Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да преземат итни мерки за обезбедување на потребната терапија и да ја зголемат достапноста на здравствениот кадар на Клиниката за онкологија.