Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ – интегрален текст
Почитувани медиуми, почитувани граѓани,
Скопје, Тетово, Куманово, Битола и други македонски градови со денови се меѓу најзагадените во светот, граѓаните се гушат во нечист воздух.
Граѓаните со најскапото нешто – нивното здравје ја плаќаат цената. Лекарите алармираат дека се полнат болничките ходиници и кревети. Еко-активистите и Светска банка алармираат дека годишно во државава поради аерозагадувањето животот го изгубиле над 3.000 жители.
ДПМНЕ нема решение ниту политики за намалување на загадувањето:
-Кога беше опозиција ДПМНЕ најавуваше над 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Како власт ДПМНЕ сега не презема ништо. Поминаа 7 месеци, мерки против загадувањето нема.
-Дополнително власта ги намали парите за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно.
Како одговорна партија СДСМ бара власта да ги прифати сетот мерки кои ги предлага СДСМ за борба против загадувањето на воздухот и да ги реализира:
1. Власта итно да донесе Програма за чист воздух во Министерството за животна средина. Програмата да опфати субвенции за домаќинствата за замена на нееколошките системи за затоплување, како и за градинките, училиштата и јавните објекти да преминат на чисти технологии.
2. Да се интензивираат инспекциски контроли врз потенцијалните извори на штетни емисии: инсталации, сервиси, диви депонии и стрништа. Контролите врз индустријата мора да се засилат.
3. Да се спроведат контроли на градилиштата и стопирање на градежни работи во градовите со зголемено загадување.
4. Интензивни активности за поголема јавна чистота: миење на улиците, чистење на дивите депонии и собирање на отпадот.
5. Засилена контрола на техничката исправност на возилата.
6. Работодавачите да ги ослободат од обврски бремените жени, постари лица и хронично болни во деновите со екстремно загадување.
7. Да се направи реорганизација на работното време за работници на отворено, со скратена работа од 11:00 до 17:00 часот.
8. Да се воведе забрана за спортски и културни манифестации на отворено при високо ниво на загадување на воздухот.
Ова е основновно што мора веднаш да се преземе.
СДСМ во изминатите 7 години презеде низа мерки со кои почна да се намалува концентрацијата на ПМ честичките во воздухот.
Се спроведоа стратешки инвестиции во гасификацијата, се реализираа проекти за еколошки јавен транспорт, конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинки, училишта, се воведе редовен мониторинг систем.
Во Скопје локалната власт на СДСМ обезбеди 33 нови автобуси на гас, се засадија нови 20.000 дрва, се зголеми зеленилото за 300.000 метри квадратни, со 4 милиони евра се обезбедија редовни субвенции за инвертери и за 30.000 велосипеди, беа затворени 10 диви депонии и многу други мерки.
Сега за жал ништо не се презема.
Власта мора да ги промени своите погрешни политики и конечно нешто да преземе против загадениот воздух, не може да се игнорира ова, станува збор за здравјето на луѓето.