27. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Секој човек има свој „Тони“

                                          Секој човек има свој „Тони“

                   Румена Бужаровска, Тони, Три, Скопје 2024.

          (…) Тоа го исполни со уште поголем презир кон неа, кој го поттикна да посегне по нејзиното гиро и да го изеде. Види, си мислеше. Тамара пак се има бааги здебелено, а за жена на четириес’ плус, тоа е како смртна казна. Реално, си мислеше, реално треба да престане да јаде леб, компир, мрсно месо, па уште кечап, кој знае што све има во тоа, адитиви, шеќери и курци-палци. Реално, си мислеше Тони, и’ направив услуга на жена ми, овај, девојка ми, што ја вознемирив доволно за да исплива малку наместо да излапа цело гиро.

  • Румена Бужаровскa

 

Секој човек на земјината топка може да има најмалку по еден свој „Тони“, не мора да ти биде дечко, сопруг, брат или другар; и роман како „Тони“ можеш да напишеш само еднаш, па не знам колку да си плоден и талентиран писател. Затоа што не се работи за талент или вредност, туку се работи за тоа дека „Тони“ на Румена Бужаровска, исфрлен со „еден потег“ и во „еден здив“, се раѓа еднаш во животот, и не тогаш кога ти, како нејзин(а) писател(ка), си замислил(а) или одлучил(а), туку тогаш кога судбината ќе ти наметне, не трпејќи одлагање или забошување. Па што ќе се најде во неа – ќе се најде. 

Во најдобар случај, овој роман „Тони“ (2024) може да се допише, под ист или некој друг наслов. Причината за допишување е едноставна, а сепак толку многу сложена и противречна. Сите ние во нашиот живот сме имале или се’ уште имаме по еден „Тони“. Можеби сите ние сме „Тони“, само што не сме свесни, или можеби ако го прочитаме овој роман, можеби, велам можеби, би можеле тоа лице и тој карактер да го освестиме кај секој од нас поединечно?

Кој е оној што не бил во Грчка на одмор со жена и дете? Кој е оној што не се досадувал на лежалки додека твоето дете лудува по „локомадес“, по лижавки, по гира, по сладоледи или играчки; кој е оној што во летната баналност на секојдневието не се расправал со својата драга за глупави и тривијални нати-го-дај-ми-го или подај-ми-и-додај-ми ефемерности? Можеби таков има, ама барем јас таков не познавам. И кога помислуваш дека ова ќе биде само уште еден обичен летен одмор во Грција – авторката не’ вади од памет – се случува сообраќајна несреќа додека Тони сере на паркингот од прејаденост од гиро и препиеност од алкохол, така што во автомобилот на Тамара се удира друг автомобил: „… го дигна погледот и виде дека пред него беше црн мрак и колата на Тамара веќе ја немаше“.

Тони нон-стоп ја укоруваше Тамара додека траеше одморот во Грција; Тони кокетираше во Грција со други девојки додека Тамара беше дома со малиот Тиџеј кој имаше температура; Тони и’ пушти порака на извесна Нина додека Тамара го возеше (а овој пијан и прејаден спие на задното седиште) во дожливо (не)време на пат од Грција за Скопје. Тони… Тони… Тони… 

Oва не е моја лична „интроспекција“ (се препознавте ли, скотови?!), туку нешто на кое и’ самата авторка инсистира: таа држи до тоа дека е важно да се знае колку од тривијалните искуства на мажот и жената може да изникнат многу болни и многу лични моменти, па дури и трагедии; тие трагедии се поврзани како со нашите лични идентитети, така се поврзани и со околностите во кои сите ние живееме. А смртта како „добар повод“ ни се наметнува за нашите натамошни егзистенционални прашања (идејни, љубовни, филозофски), како и нерасчистените семејни односи со нашите родители, од разни причини, не само што се несредени и сведени се онака како што би „требало“ да бидат, а во реалноста се случуваат многу ретко отколку што ние сме истренирани да мислиме и веруваме. 

Не знам дали авторката на оваа книга е дете кое е растено без татко, ама знам дека „рецензентот“ на оваа книга е; добро, ова може и’ да ви призвучи за сиже на „шпанска серија“, ама Бужаровска не ја интересираат стереотипни нафрлувања на „погинатиот“ (или упокоен) татко, туку ја интересира траумата на мажот без татко и какви последици таа празнина остава и на неговата мајка (читај, се мисли на мајката на Тони). 

Идолот на Тони е неговиот татко, ама таа неговата „идолатрија“ се распрскува на парчиња кога неговата мајка, на смрттна постела, му признава дека неговиот татко ја мамел со друга жена, а, богами, и мајката по малку го мамела неговиот идол, односно неговиот татко со друг маж. Дали Тони бега целиот својот живот од својата мајка или бега од својот татко, тоа ќе мора секој што ќе ja прочита оваа книга сам да го открие. Па, сепак, и покрај опсесивната потреба на Тони за својот татко која е премногу очигледна, не ми е до крај јасно од кого Тони повеќе бега, дали од својата мајка или од својот татко?

Од друга страна, приметувам дека авторката ни објаснува преку „Тони“ како цела наша (или ваша?) семејна историја се разобличува и растура на парчиња; се добива впечаток дека семејните односи во основа се комплетна лага. Аристотел велеше дека „основната ќелија на едно општество е семејството“, а Платон обратно: „лагата започнува во семејството, а потоа натаму се шири низ општествените класи и системските хиерархии“. 

Можеби преку ликот „Тони“, Бужаровска сака да ни каже дека неговата цела фамилијарна и семејна историја е една голема лага, убаво срочена и квалитетно илустрирана без никаква втемеленост во реалноста. Или можеби сака да ни каже дека ако целата историја е конструкт, тогаш можеби и нашите семејни истории се токму тоа: најобични конструкти и фрагменти од парчиња на нашите „лажни“ сеќавања? 

Понатаму, Бужаровска во книгата отвара прашања и за односите меѓу луѓето во време на корона, опседнатоста со храна, како во времето на социјализмот (многу добро се сеќавам на складираните туршии и зимници на мојата баба, што со други зборови речено:  ние и ден денешен од храната создаваме една врста на „кумири“); па отвара тема и за социјалните мрежи, за опседнатоста со лајковите… Сета онаа „либидална економија“ во која е вмрежен нашиот секојдневен живот на апликацијата Фејсбук, низ која профитираат луѓето во Силиконската долина.

Има една интерсна класификација на Толстој кога ги дели семејствата на среќни и несреќни, читани обично како „упатство“ за да ги разликуваме едните од другите. Тоа што Толстој експлицитно не го кажа, сметајќи на интелегенцијата на својот потенцијален читател, е тоа што главниот и нерешлив проблем со среќните семејства е во тоа што таквите – не постојат; барам не во „чиста“ форма. Затоа на среќните семејства никој не им пишува: не може да се пишува за нешто кое завршува со „среќен крај“. Нам ни остануваат оние несреќните, а нивната несреќа има голем домет. 

„Тони“ е многу редок и необичен роман, барем во габаритот на сите оние луѓе кои живеат на овој Балкански полуостров, ама и многу пошироко од него. Не само што вакви романи се пишуваат само еднаш, туку има и писател(к)и кои се талентирани вакви работи да создадат. Не знам колкава прашина за овој роман ќе се дигне, ама можеби дури тогаш ќе разбереме колку сме среќни што имаме една таква „лековитост“ од роман за темите за кои Бужаровска ни зборува & пишува, а начинот и стилот на кој проповеда во овој роман, лек, за нас, се плашам, нема па нема.  

Пишува: Ненад Јовановиќ