23. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Трамп сака членките на НАТО да трошат пет отсто од својот БДП за одбрана

Тимот на Доналд Трамп им кажа на европските претставници дека новиот американски претседател ќе бара од земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, но планира да продолжи да дава воена помош за Украина, пишува Фајненшл тајмс.

Најблиските соработници на новоизбраниот американски претседател за надворешна политика ги споделија неговите намери во разговорите со високи европски претставници овој месец, според извори информирани за разговорите.

За време на неговата кампања за Белата куќа, Трамп вети дека ќе ја прекине помошта за Украина, ќе го принуди Киев на итни мировни преговори и ќе ги остави сојузниците на НАТО без одбрана доколку не трошат доволно за одбрана, се вели во текстот.

Но, како поттик за сојузниците кои се загрижени за тоа колку добро ќе можат да ја поддржат и заштитат Украина без поддршката на Вашингтон, Трамп сега има намера да ја задржи постојната американска воена помош за Киев по неговата инаугурација, според три други лица информирани за разговорите со западните претставници.

Во исто време, Трамп ќе побара од НАТО да ја удвои својата цел за трошење од два отсто од БДП, која моментално ја исполнуваат само 23 од 32 членки на алијансата, изјавија две лица запознаени со разговорите.

Еден извор рече дека Трамп најверојатно ќе биде задоволен со распределба од 3,5 проценти и дека планира експлицитно да ги поврзе повисоките трошоци за одбраната и понудата за поповолни трговски услови со САД.

Сојузниците на НАТО веќе разговараат за зголемување на распределбата на три проценти, но многу главни градови се загрижени поради тешките фискални одлуки што би ги барале.

Според Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, САД ќе потрошат околу 3,1 отсто од БДП за одбрана во 2024 година. Во последната година од првото претседателствување на Трамп во 2020 година, трошоците на Пентагон достигнаа 3,4 отсто.

Најблиску до неофицијалната цел од пет проценти, според досегашните податоци објавени во табелата на ФТ, чиј извор е НАТО, е Полска, која издвојува повеќе од четири проценти од БДП за одбраната, додека следна според распределбата на одбраната е Естонија со околу 3,5 отсто, потоа САД.

Членовите кои сè уште не ги достигнале ни одамна воспоставените два отсто се Хрватска, Португалија, Италија, Канада, Белгија, Луксембург и Словенија и Шпанија, кои се на дното на табелата./Извор:Makfax