23. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Владата на Бајден протера повеќе од 270.000 мигранти за една година

Американските власти депортираа повеќе од 270.000 луѓе за една година, покажаа официјалните проценки вчера, неколку недели пред враќањето на власт на Доналд Трамп, републиканец кој се заканува да депортира милиони мигранти без документи. Оваа бројка е највисока во последната деценија, во која е вклучена и првата администрација на Доналд Трамп (2017-2021).

Повеќето од мигрантите кои беа принудени да ја напуштат територијата на САД, претходно илегално ја преминале границата во Мексико, се нагласува во извештајот на агенцијата одговорна за гранична контрола и имиграција (ICE). Третина од нив се обвинети или осудени за „криминални активности“, се објаснува во текстот.

Тие проценки го опфаќаат периодот од почетокот на октомври 2023 година до крајот на септември 2024 година, околу времето на претседателската кампања. Доналд Трамп тогаш ја стави борбата против илегалната имиграција во својот главен фокус.

Тој вети дека ќе ја преземе најголемата операција за депортација во историјата на САД откако ќе се врати во Белата куќа на 20 јануари 2025 година, закана што наиде на критики од невладините организации кои работат на заштита на мигрантите.

Тоа ветување, кое се потпира на неоснованото тврдење дека мигрантите вршат повеќе злосторства од американските граѓани, се покажа популарно кај американскиот електорат. Од друга страна, Трамп не прецизираше како да се спроведе таква политика, а анализите сугерираат дека таквите операции би биле скапи и тешки за спроведување со сегашното ниво на персонал.

Илегалните преминувања на границата со САД скокнаа кога демократот Џо Бајден ја презеде функцијата на почетокот на 2021 година, но значително се намалија во изминатата година откако администрацијата ги заостри процедурите за азил.

Околу 11 милиони луѓе биле без документи во Соединетите држави во 2022 година, според проценките на Истражувачкиот центар Пју. Доналд Трамп и неговите сојузници веруваат дека всушност има многу повеќе./Извор:Makfax