23. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Шефот на Европскиот совет: Америка и ЕУ само заедно можат да ја запрат војната во Украина

Сега не е време за шпекулации за различни сценарија, туку за зајакнување на Украина за сите сценарија, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, по завршувањето на самитот на ЕУ.

„Ова не е време да се шпекулира за различни сценарија, сега е време да се зајакне Украина за сите сценарија“, рече Коста вчера на прес-конференција. Украина беше една од главните теми на самитот на чиј почеток учествуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој рече дека само заедно, ЕУ и САД, можат да ја запрат војната и дека европските безбедносни гаранции, без американските, нема да бидат доволни. Коста рече дека ЕУ е обединета во поддршката на Украина за да постигне сеопфатен, траен и праведен мир. „Ниту било каков мир, ниту капитулација“, рече Коста.

Само Украина може да одлучи кога ќе се исполнат условите за мировни преговори, рече Коста.

Слична порака имаше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој рече дека ќе почека новиот американски претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата и потоа „во духот на трансатлантското партнерство и во договор со Украина ќе се направи обид да се создадат предуслови за мир, но не каков било, туку мир кој ќе го почитува меѓународното право и територијалниот интегритет и интегритет на Украина“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Украина би можела да го отвори првиот кластер во пристапните преговори на почетокот на следната година, доколку продолжи да ги спроведува реформите со сегашната стапка./Извор:Makfax