Висок командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда најави дека Иран сигурно ќе му возврати на Израел за нападот на иранска територија во октомври оваа година.
Говорејќи на церемонијата одржана вчера во Техеран, заменик-командантот на Исламската револуционерна гарда, бригадниот генерал Али Фадави, рече дека луѓето ги испрашувале воените претставници дали ќе биде спроведена операцијата „Вистинско ветување III“. „Луѓето мора да имаат предвид дека Исламската револуционерна гарда ги исполни сите свои ветувања од своето основање. Операцијата „Вистинско ветување III“ ќе биде спроведена во вистинско време“, посочи тој.
Да потсетиме, Израел на 26 октомври изврши три бранови напади врз Иран, при што загинаа четворица ирански војници. Стануваше збор за израелска одмазда за иранскиот балистички ракетен напад врз Израел кој беше извршен на 1 октомври. Времето или природата на претстојната одмазда на Техеран против Израел се уште не е јасно, пишуваат иранските медиуми.
Иран оваа година двапати директно ги нападна иранските позиции. Во април како одговор на израелскиот напад врз иранската амбасада во Дамаск и во октомври како одмазда за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханија. Иран овие напади ги нарече „Вистинско ветување I“ и „Вистинско ветување II“./Извор:Makfax