22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Предлагаме зголемување на платите во образованието, полицијата и на пожарникарите

На денешната прес-конференција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави дека партијата поднела амандмани на Предлог Буџетот за 2025 година, со кои се предвидува зголемување на платите за вработените во образованието, полицијата и на пожарникарите. „Сметаме дека е неопходно да се вложи во тие кои се основата на јавните услуги и секојдневно придонесуваат за безбедноста, образованието и благосостојбата на нашите граѓани,“ истакна Филипче.

Филипче потенцираше дека зголемувањето на платите е важно за подобрување на мотивираноста и задржување на квалитетен кадар во јавниот сектор, посебно во услови кога сè повеќе млади професионалци се демотивирани или заминуваат. „Предлагаме зголемување на платите во секторите каде што потребата е најголема, како образованието, полицијата и пожарникарството. Нашите наставници, полицајци и пожарникари заслужуваат подобри услови за работа и соодветна поддршка,“ додаде тој.

Во својата критика на предлог буџетот, Филипче истакна дека Владата значително ги зголемува трошоците за непродуктивни расходи додека ги крати средствата за виталните јавни сектори. „Се зголемуваат непродуктивните трошоци, а во исто време се намалуваат средствата за капитални инвестиции во образованието и безбедноста,“ рече тој, додавајќи дека ваквиот пристап е спротивен на интересите на граѓаните.

СДСМ верува дека амандманите за зголемување на платите во јавниот сектор ќе придонесат за поквалитетни услуги, стабилност и поголема безбедност за сите граѓани.