22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Германскиот институт „Ифо“: Aко Трамп ги исполни ветувањата, големи проблеми ги чекаат ЕУ и Германија

Економската политика на Доналд Трамп, кој беше реизбран за претседател на САД, ќе донесе големи проблеми за Германија и ЕУ, смета минхенскиот економски институт „Ифо“.

Имено, се очекува најавените високи дополнителни царини за увоз од други делови на светот да предизвикаат значителен пад на извозот во САД, но и во Кина, резимира СТА во извештајот на Институтот, пренесен од „Форбс“.

„Трамп се залага за високопротекционистичка економска програма заснована на високи увозни тарифи и други ограничувања на меѓународната трговија, особено во односите со Кина и потенцијално Европа“, предупреди претседателот на „Ифо“, Клеменс Фуест, и препорача соодветни мерки на претпазливост на оние што донесуваат одлуки.

Германските извозници, за кои САД се најголемиот извозен пазар, ќе се соочат со огромни загуби доколку Трамп ги исполни предизборните ветувања за царини од 20 отсто за увоз од сите трговски партнери и 60 отсто царини за увоз од Кина. Во исто време, Трамп постојано, дури и во текот на оваа кампања, зборуваше многу негативно за односот на ЕУ со САД во економската и трговската сфера.

Според процената на „Ифо“, ваквите мерки само во Германија би предизвикале економска штета од 33 милијарди евра. Германскиот извоз во САД би можел да се намали речиси 15 отсто, а извозот во Кина исто така приближно 10 отсто, поради индиректните ефекти од падот на трговијата меѓу САД и Кина.

Минатата година германските компании извезоа стоки во вредност од 157,9 милијарди евра во САД, со што најголемата национална економија во светот стана најважен германски извозен пазар деветта година по ред. Во меѓувреме, увозот од САД достигна 94,7 милијарди евра, што ги прави САД да бидат на трето место меѓу германските увозни партнери.

Во меѓувреме, лани компании од цела ЕУ извезле стоки во вредност од 502,3 милијарди евра во САД, а од таму увезле 346,5 милијарди евра. ЕУ забележа трговски суфицит од 155,8 милијарди евра.

Поинаква беше ситуацијата во размената на услуги, каде што американската економија е најсилна. Компаниите од ЕУ лани увезле услуги во вредност од 396,4 милијарди евра од САД, а таму извезле 292,4 милијарди евра. Така, Унијата забележа дефицит од 104 милијарди евра во размената на услуги со САД.

Како што предупреди Лисандра Флах, директорка на Центарот за меѓународни економски односи „Ифо“, „мора да бидеме подготвени дека САД ќе се оддалечат уште повеќе од отворената глобална соработка“. Според неа, Германија и ЕУ сега мора да ја зајакне својата позиција преку сопствени дејствувања.

Меѓу нив, таа спомена уште поблиска интеграција во ЕУ во делот на пазарот на услуги и веродостоен одговор на очекуваните американски протекционистички мерки. Дополнително, европските земји и Унијата би можеле да ја зајакнат соработката со одредени држави од САД, кои повеќе се залагаат за отворени глобални економски односи, пишува СТА.

Сега сојузната влада е неподготвена, критикува Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика. Беше грешка да се потпреме толку на демократите“, изјави Хоф за „Дојче веле“.

„Посебниот однос што канцеларот го негуваше со претседателот Бајден можеби беше премногу едностран. Сега тој ќе се одмазди што немаше контакт со луѓето на Трамп.

Сеќавањата за првиот мандат на Трамп, од 2017 до 2021 година, сè уште се паметат во Берлин. Тогаш Трамп веќе го доведе во прашање НАТО и се закани дека ќе ја повлече американската армија од Германија. Неговите критики кон Германија и другите членки на НАТО беа јасни: тие ја користат американската воена заштита и не придонесуваат доволно за сопствената одбрана.

Сега е од клучно значење за федералната влада да ги „надополни пропустите“, според Хенинг Хоф.

Претстојната промена во Белата куќа, најверојатно, ќе има најголемо влијание врз војната во Украина. Ова е клучно прашање и за германската влада: што ќе биде со поддршката за Украина? Затоа што САД обезбедија убедливо најголема поддршка и со оружје и финансии, а Германија е веднаш зад неа на второто место.

Претседателот Џо Бајден и канцеларот Олаф Шолц ветија поддршка за Украина колку што е потребно, а Доналд Трамп има намера бргу да ја заврши војната. Барем така тврди. Тоа, веројатно, би значело дека Украина ќе биде принудена да се откаже од големи делови од териториите окупирани од Русија./Извор:Makfax