23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски на средбата со Мисијата на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал: Мониторинг на највисоко ниво и зајакнување на капацитетите за сузбивање на сериозен криминал по воздушен сообраќај

Зајакнување на капацитетите на Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје, преку мониторинг на највисоко ниво, поднесување извештај за заплени заради анализа на трендовите и дефинирање на идните потреби со цел ефикасен одговор на сериозни закани од организиран криминал. Воедно ќе се прошират и надлежностите на единицата во делот на илегалната миграција и трговија со луѓе. Ова се дел од заклучоците од денешниот состанок помеѓу директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заменик директорот Гариб Каба, помошник директорот Влатко Лакордов, заедно со помошник директорот во Одделот за гранични работи и миграции, Ивона Стефановска одржан со Мисијата на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал предводена од Батир Гелџиев, регионален координатор за Југоисточна Европа.

Оценската мисија неделава е во Скопје и Охрид заради скенирање на состојбата за спроведување на Проектот за комуникација на аеродромите (AIRCOP) и Програмата за контрола на контејнерите (CCP) во чии рамки е воспоставена Граничната меѓуагенциска единица на Меѓународниот аеродром Скопје. Со цел спречување на нелегалните дејствија по воздушен сообраќај, се скенира состојбата на меѓународниот аеродром во Охрид со цел изнаоѓање на најсоодветен начин за заедничко делување и на овој аеродром.

„Целите за подобрување на резултатите во откривачките дејности се високо поставени во нашата стратегија за развој каде се дефинирани и активностите на Граничната меѓуагенциска единица. Тоа што оваа единица ја прави посебно значајна е фактот што е сочинета од припадници на двете најважни институции за спроведување на закон, кои на едно место можат да добиваат и разменуваат разузнавачки информации во реално време, што резултира со ефикасни акции за откривачките дејности при контрола на стока, патници, багаж и поштенски пратки во воздушниот сообраќај“, потенцира Николовски и притоа го истакна значењето на случајот на откривање на поголема количина на анаболични стероиди во јули годинава, со што беше прекинат меѓународен синџир на недозволена трговија со забранети супстанци.

Мисијата ја истакна единицата како пример за успешно делување на царината и полицијата и оти искуствата ќе бидат пренесени и во останатите 86 земји во светот коишто се вклучени во проектот на Канцеларијата на ОН, а особено во земјите во Југоисточна Европа.

Според досегашните оценки на Канцеларијата на ОН, македонската Граничната меѓуагенциска единица е оценета со највисоки оценки во делот на спроведување на зададените цели на проектот меѓу коишто и сузбивање на организирани облици на криминал во воздушниот сообраќај.