31. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото: Министерство за транспорт
МАКЕДОНИЈА

Николоски: За три години ќе имаме нов и модерен автопат Прилеп -Битола. Во сабота започнуваме со конкретни активности за изградба на овој автопат каде од Скопје преку Прилеп до Битола ќе се вози по нов модерен и безбеден автопат

Во сабота почнуваат конкретните активности за изградба на автопатот Прилеп – Битола, проект кој целиот Пелагонски регион го очекува. Автопатот ќе биде модерен со вкупно шест ленти, со по три ленти од двете страни и помошен алтернативен пат. За три години ќе имаме нов модерен автопат кој ќе донесе економски развој на Пелагонискиот регион, одговори заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на пратеничко прашање.

“Од Градско до влезот на Прилеп ќе се вози по експресен пат, тука ќе има еден кружен тек каде лево ќе се влегува за Прилеп а десно до Битола ќе се вози по нов автопат. За три години од денес, од Скопје до Битола ќе имаме автопатско решение, што значи дека патувањето од Скопје до Прилеп ќе се намали на еден час и десетина минути, а до Битола на еден час и четириест минути, што значи ќе се смени динамиката на развој, раздвижување на економијата, на бизнисот бидејќи голем дел од од БДП-то доаѓа од овој регион. Бенефит ќе имаат и општините во тој дел Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци, Ресен. Ова е огромен проект кој не е виден во Централна Македонија и кој целосно ќе ја промени сликата во Пелагонскиот регион” истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој потенцирше дека во изминатиот период се соочил со бројни предизвици за овој проект како што е деминирање на бројни експлозивни направи од првата светска војна каде со помош на Министерството за одбрана се засилила динамиката на деминирање на теренот и се ослободиле 12 километри за работа. Исто така најголем проблем како што рече било и експропријацијата која во изминатите три месеци решени се околу 2400 предемти за експропријација, за три пати повеќе отколку претходно што се работело, истакна министерот Николоски.

Тој додаде дека активно се работи и на изградба на експресниот пат Градско -Дреново кој се очекува да се пушти за сообраќај до Нова година, како и на изградба на експресниот пат од Дреново до Фариш кој се очекува да се заврши и да се пушти за сообраќај на пролет следната година.

“Решивме да не правиме калкулации и да работиме. Експресниот пат беше пред раскинување на договорот, имајќи предвид дека овој патен правец се работи со средства од ЕУ и средства од буџетот. Една и пол година не била формирана комисија со што се соочувало да се раскине договорот, изведувачот да оди на арбитража и со голем можност да ја добие арбитражата. Комисијата ја формиравме, ги надминавме проблемите и активно се работи на неговата изградба и очекувам до Нова година да биде завршена првата фаза до Дреново, а од Дреново до Фариш да биде завршен напролет следната година, истакна министерот Николоски.

Тој најави дека следната година ЈП за државни патишта ќе избере изведувач за доизградба на експресниот пат од Фариш до Прилеп.