31. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

33 настани во период од 15 дена за 80 години од ослободувањето на Битола

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес одржа прес конференција по повод одбележувањето на „80 години од ослободувањето на Битола“. На прес конференцијата, градоначалникот информираше за настаните кои ќе се случуваат во градот по повод овој јубилеј.

„Во пресрет на големиот празник на градот „4 Ноември“ кога ќе одбележиме 80 години од ослободувањето на Битола, сакам да Ве информирам, дека Општина Битола, подготви квалитетна програмска содржина со 33 настани во период од 15 денови, кои вклучуваат традиционални манифестации, одбележување на јубилеи, но и промоција на нашите културни, музички и спортски достигнувања, кои претставуваат гордост за Битола.

Сите програмски активности, се реализираат согласно планираните средства во Програмата за култура за одбележување на „4 Ноември“ и одобрениот буџет од 906.540 денари, за што објавивме јавен повик и врз основа на добиените апликации ја изготвивме четвртоноемвриската програма, во која имаме 6 спортски настани, 4 театарски претстави, 4 настани поврзани со филмот и филмската уметност, 6 музички настани, 4 изложби, протоколарни и хуманитарни настани и три настани со кои официјално ќе се одбележат три 80 годишни јубилеи.

Активностите кои се дел од четвртоноемвриската програма започнаа на 26 октомври, кога над небото на Битола, летаа голем број параглајдеристи, чија почетна точка беше Пелистер, а настанот го организираше Параглајдинг клубот „Летечки конзули“.

Вчера, беше отворен фестивалот на „Мала школа за краток филм“ во Центарот за култура, а се одржа и полуфиналето на „4 Ноемврискиот турнир во куглање“ во организација на кугларскиот клуб „Пелистер 1982“ и Кугларскиот клуб „Пелистер Пин“.

Денес, 31 октомври во 19:00 часот, во организација на Македонско – турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“, во Кино Манаки ќе биде прикажан филмот „80 години слободна Битола“.

На први ноември, ќе имаме богата програма, која вклучува голем број традиционални, но и нови настани. Во Офицерскиот дом, од 11 до 14 часот, ќе се одржи ликовна работилница за деца на тема „Битола е инспирација“ – 80 метри слика за 80 години слобода на градот, а во истиот термин во ресторан Премиер центар ќе се одржи Шаховски турнир за слепи лица. Во 12:00 часот во организација на Младинскиот културен центар, во соработка со Локалниот економско социјален совет во хотел „Милениум“, ќе се одржи јавна дискусија на тема „Праведна и зелена транзиција за Битола“. Во 18:00 часот најмладите од ЈОУДГ во Офицерскиот дом ќе бидат дел од настанот „Битола низ детските очи“, а во 19:00 часот во малата сала на Центарот за култура ќе биде отворен Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“.

На втори ноември ќе биде организирана ОФФ Роуд тура по повод ослободувањето на град Битола, а планирани се и две изложби: „Изложба на 80 метарско платно со ликовни творби“ во Офицерски дом и „Блиски сеќавања од Битола“ – изложба на фотографија. Во рамките на фестивалот Камера 300 ќе се одржи Малата школа за краток филм, со Тони и Бландине Гламчевски.

Сојузот на спортови и годинава, транзиционално ќе ја одржи ноќната атлетска трка на трети ноември во 17:00 часот.

На 4 Ноември, активностите започнуваат од 10:00 часот со оддавање почит на загинатите борци пред споменикот на Плоштадот Гоце Делчев, а во духот на хуманоста програмата продолжува со Крводарителска акција наменета за вработените во Општина Битола. Повеќе делегации од збратимените градови, по повод празникот ќе гостуваат во Битола, а Свечената академија за доделување на Наградите „4 Ноември“ ќе понуди настан за паметење во Центарот за култура од 19:00 часот. На празникот на градот, подрачното одделение на Државниот архив во Офицерскиот дом во 20:30 ќе ја отвори изложбата „Битола – слободна“.

Се до 14 ноември, ќе продолжат програмските активности за одбележување на 80 годишнината од ослободувањето на Битола. На 5 ноември, во 19 часот во Офицерскиот дом, концерт ќе одржи Марко Виденовиќ, а во 20 часот ќе се одржи финалето на „4 Ноемврискиот турнир во куглање“.
Два големи јубилеи ќе бидат одбележани на 6 ноември – 80 години од постоењето на Народниот театар Битола и Културно уметничкото друштво Стив Наумов, со свечена академија во Народниот театар во 18 часот. Претходно, во Офицерскиот дом, учениците од Државното музичко училиште ќе одржат музички маратон, а во 19.30 ќе се одржи детскиот музички фестивал Тра-ла-ла.

На задоволство на љубителите на театарската уметност, ќе имаме неколку театарски гостувања. На 7 ноември ќе гостува Македонскиот народен театар со претставата „Бели ноќи“, Драмскиот театар на 8 ноември ќе гостува со претставата „Мојот маж“, на 11 ноември ќе гостува Велешкиот театар Јордан Хаџиконстантинов Џинот со претставата „Вечера за глупаци“. Театараскиот циклус ќе заврши со претставата „Ѓоре Магарески – 80 години подоцна“, на Народниот театар од Битола, на 14 ноември.

Сопранот Билјана Талевска ќе одржи Концерт за Битола во Офицерскиот дом.

Офицерскиот дом, како еден од културните репрезенти на Битола, од 10 ноември ќе биде збогатен со уште една содржина. Во 20 часот, на 10 ноември, во организација на Културно информативниот центар, ќе биде отворена поставката „Музичка соба“.

Со оваа богата програма, која ќе ја најдете и на општинските електронски гласила, достојно го одбележуваме големиот јубилеј, 80 години од осободувањето на Битола.

Верувам дека публиката од сите настани ќе излезе со големи позитивни впечатоци, затоа што културните и спортските настани во Битола, слободно можам да речам се наоѓаат на пиедесталот којшто го заслужуваат.

Во контекст на нашата соработка во делот на културата, нашите денешни гости и учесници во четвртоноемвриската програма ќе ве информираат и за нивните програмски активности и јубилеи“, рече градоначалникот Коњановски на денешната прес конференција.

Директорот на НУ Народен театар, Васко Мавровски информираше дека, наведените претстави се гостувања во Битола, по уште еден значаен повод – 80 тиот роденден на битолскиот театар на 14 ноември, по кој повод ќе биде издадена и монографија.

Моника Марковска, како претставник на КУД Стив Наумов, информираше за големиот 80 годишен јубилеј на културно – уметничкото друштво и хорот кој исто така ќе биде одбележан со концерт на 6 ноември.

Сашко Павловски, како претставник на Сојузот на спортови, информирашше дека во еден прекрасен спортски викенд, исполнет со многу спортски настани, дел од четвртоноемвриската програма, традиционално ќе биде и ноќната атлетска трка, која ќе се одржи по 67 ми пат.