Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска денеска учествуваше на завршна конференција на проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“ финансиран од Европската Унија, а насочен кон професионален развој на наставниците, нивна подобра подготвеност за примена на информатичко – комуникациски технологии во наставата и за работа со ученици со попреченост.
„Од исклучителна важност е наставниците постојано да ги надградуваат своите вештини за предавање и пренесување на знаењата кон учениците. Важно е да бидат подготвени за прифаќање и примена на ИКТ иновации во наставата и да знаат кој е најдобриот пристап и начин за работа со ученици со попреченост. А овој проект им го овозможи токму тоа на над 9000 илјади наставници, кои верувам ќе дадат дополнителна вредност на проектот, со пренесување на стекнатите знаења кон своите колеги“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека е благодарна на ЕУ што во ниту еден момент во минатото не ја остави нашата држава сама да се бори со предизвиците на развојниот пат и како што рече, сигурна сум дека оваа поддршка во сферата на образованието ќе продолжи и во иднина.
„Им благодарам на сите учесници во реализацијата на проектот и верувам дека нашите патишта ќе останат вкрстени. Имаме уште многу заедничка работа. Плановите на Владата се големи и со ваква енергија и сплотеност, сигурна сум дека ќе ги оствариме“, додаде Јаневска.
Посочи дека за следната година планиран е најголем буџет за образование досега, во износ од 40 милијарди денари со кои ќе се унапредуваат наставните планови и програми во основното и средното образование, ќе се зголемат платите на вработените во училиштата, ќе се подобри образовната инфраструктура и ќе се унапредат условите за работа на наставно – научните работници.
ФОТО МОН