Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со Тафик Ф. Алрабија, министер за аџилак на Кралството Саудиска Арабија.
Претседателот Гаши изрази големо задоволство од средбата и изрази надеж дека отворените и пријателски односи меѓу двете држави ќе продолжат и во иднина, со заложба за отворање на поголеми можности за интензивирање на економската соработка.
Тој истакна дека Северна Македонија како мултиетничка држава, која почива на принципите на меѓусебно разбирање, толеранција и почитување на правото на самоопределба, целосно го почитува правото на граѓаните да ја практикуваат религијата на која ѝ веруваат и на која ѝ припаѓаат. Претседателот нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија вложува големи напори во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не само со земјите од регионот, туку и пошироко. Информираше дека во Собранието во континуитет се формира Група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот залив.
Министерот Тафик Ф. Алрабија истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат. Тој потенцираше дека дипломатските односи меѓу двете држави се воспоставени во 1995 година и идната година ќе се одбележи јубилеј од 30 годишнина од меѓусебната соработка.
Двајцата соговорници се заложија за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и во делот на економијата, како и подбрување на транспортната комуникација. На состанокот беше укажано дека двете држави имаат обврска да ги промовираат принципите на толеранција и меѓусебна соработка.