23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Источна Република Уругвај, Алберто Антонио Родригез Гоњи

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Алберто Антонио Родригез Гоњи, новоименуваниот амбасадор на Источна Република Уругвај, со седиште во Букурешт.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека и покрај географската оддалеченост на двете држави и нивната припадност на различни региони, постои заемен интерес за посеопфатна соработка, при што посочи дека постои потенцијал за натамошно унапредување на меѓусебните односи за доброто на граѓаните на двете земји. Претседателката изрази уверување дека во наредниот период ќе се отворат дополнителни можности за поангажирана заедничка работа во откривање нови области за соработка, како и за размена на искуства за натамошно надоградување на билатералните односи и нивно збогатување со нови содржини.

Амбасадорот на Источна Република Уругвај, Алберто Антонио Родригез Гоњи во своето обраќање ја истакна подготвеноста и посветеноста за унапредување на билатералните односи, за јакнење на соработката во секој можен аспект, вклучително и политичките мултилатерални активности, како и соработката во економијата и трговијата, посочувајќи дека културните и контактите меѓу луѓето нудат одлични можности за заедничкото разбирање меѓу двете држави.

Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Алберто Антонио Родригез Гоњи му посака успех во извршувањето на одговорната функција.