23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Зеленски: 10.000 војници од Северна Кореја на страната на Русија, тоа е чекор кон светска војна

Северна Кореја подготвува 10.000 војници да се приклучат на војната во Украина на страната на Русија, што претставува прв чекор кон светска војна, изјави во Брисел украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека Пјонгјанг подготвува 10.000 војници од различни гранки и специјалности да се приклучат на руската војна против Украина, наведувајќи дека тие ќе се приклучат на борбите во наредните месеци откако ќе поминат обука, објави „Киев Индипендент“.

Неговата изјава дојде неколку дена откако неименуван западен дипломат изјави дека Северна Кореја испратила 10.000 војници во Русија.

– Според военото разузнавање, некои севернокорејски офицери веќе се на окупираните украински територии и се приклучиле на руската армија. Нивниот број е непознат – изјави Зеленски.

Според него, Иран испорачувал дронови од домашно производство на Русија, но не испраќал Иранци да се борат на страната на Русија.

Зеленски во средата ги повика сојузниците да воведат нови санкции врз Северна Кореја откако земјата, како што рече, станала учесник во војната во Украина борејќи се на страната на Русија.

Зеленски, во говорот пред парламентот, каде го презентираше својот „план за победа“ во војната, рече дека украинските разузнавачки служби дознале дека Северна Кореја и снабдува Русија со оружје и дека испраќа свои војници на боиштата во Украина, пренесе Ројтерс.

Кремљ ги отфрли обвинувањата дека Северна Кореја испратила војници да се борат во Украина на страната на Русија, нарекувајќи ги „лажни вести“.

САД тврдат дека Северна Кореја и снабдува на Русија балистички ракети и огромни количини артилериски гранати.