22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Јакимовски ја повика министерката Јаневска на средба: заедно да обезбедиме услови за нормално функционирање на училиштата во Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски јавно и се извини на министерката за образование Весна Јаневска затоа што вчера ја нарече „северџанка“, и истовремено ја повика на средба на која би ги разгледале можностите за решавање на проблемот околу долговите за греење на училиштата во Карпош.

-Имам високо мислење за госпоѓата Јаневска. Јавно и се извинувам за тоа што ја нареков „северџанка“. Мислам дека госпоѓата не го заслужува тоа. Но, ние мораме да разговараме. Не можеме да кажеме „ние сме ги исплатиме парите, а општината треба да знае да менаџира со нив“. Замолувам за наредниот буџет да се расчистат овие работи. Станува збор за околу 16 милиони денари, токму тие пари ни недостасуваат. Минатата година плативме 6 милиони денари, годинава имаме 8,3 милиони денари за греење. Тоа се големи пари за локалната самоуправа. Од друга страна имаме општини кои се бањаат со пари. Замислете општина Желино ќе финансира академија на науки и уметности. Жал ми е што мораме вака во јавност да се препукуваме. Вистински одговор е „да, има помалку средства за училиштата во Карпош, ама се надеваме со наредниот буџет дека тие средства ќе се контрибуираат за да се платат тие сметки“. Во спротивно треба да се фрлиме на штедење. Со задоволство би сакал да се видам со министерката. Таа е релативно кратко во тоа министерство. Знам дека има многу проблеми. Има преку 400 училишта. Но, сите како општество треба да видиме што можеме да направиме за да обезбедиме услови за нормално функционирање на училиштата во општината, изјави градоначалникот Јакимовски.