Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со Клаус Нојкирх, директор за координација на програми при Советот на Европа, на која беа разгледани клучните приоритети на Северна Македонија, во контекст на европските интеграции и стратешката соработка со Советот на Европа.
Министерот Муртезани ја нагласи посветеноста на Владата за понатамошно зајакнување на владеењето на правото, унапредување на демократските процеси и заштитата на човековите права – области кои се темелот на мандатот на Советот на Европа. Тој истакна дека соработката со Советот на Европа е од клучно значење за спроведувањето на реформите во судството и борбата против корупцијата, со цел исполнување на највисоките европски стандарди и поддршка на нашиот европски пат.
Во фокусот на разговорот беа заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа, како што е „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, кои активно ги поддржуваат реформските процеси во земјата и регионот. Муртезани и Нојкирх разговараа и за ангажманот на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) и Групата на држави против корупцијата (GRECO), кои обезбедуваат континуиран надзор и техничка поддршка во овие клучни сектори.
Соговорниците ја истакнаа значајната улога на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје во спроведувањето на проектите и мониторингот на напредокот на терен, со цел да се обезбеди имплементацијата на највисоките стандарди во пракса. Министерот Муртезани и директорот Нојкирх се согласија дека заедничките напори ќе продолжат со уште посилна динамика, имајќи ги предвид приоритетите на новата Влада и неопходноста од реформски прогрес кој ќе ја приближи Северна Македонија до нејзината крајна цел – членството во Европската Унија.