Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во „Тема на денот“ во вестите на Сител изрази загриженост за промените во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицковски во врска со Преспанскиот договор, како и за влошувањето на односите со Бугарија и Грција. Филипче посочи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја заглави Македонија на патот кон Европската Унија. Повика премиерот Христијан Мицкоски да го каже планот за напредок на државата, кој доколку е поддржан и остварлив, ќе добие поддршка и од СДСМ.
Филипче истакна дека во предизборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се противеа на Преспанскиот договор, но сега гордо го користат името „Северна Македонија“ и го посочуваат Договорот како пример за успешна дипломатија.
„Прво и Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ целокупната кампања којашто ја водеа пред изборите, а би рекол премиерот и политичката кариера дел ја должи на Преспанскиот договор. Тој беше против него ќе го укинуваше. Ќе стоеше на браникот на државата никогаш немаше да каже и тој и претседателската Силјановска „Северна Македонија“ и сега гледаме дека гордо кажуваат Северна Македонија. Премиерот кажува дека Преспанскиот договор бил добар пример за преговорите со ЕУ и прашањето со Бугарија“ – рече претседателот на СДСМ во „Тема на денот“ на Сител.
Претседателот Филипче посочи дека со ваквите ставови се доведува во прашање легитимитетот и кредибилитетот на Мицкоски како политичар.
„Ова поставува дилема за легитимитетот на нивните изјави и кредибилитетот како политичари. Дали навистина ја информираа јавноста објективно за своите намери? Владата мора да објави план за напредок, а премиерот да каже кои земји членки на ЕУ го поддржуваат тој план. Ако тој план е во согласност со нашите интереси, ќе го прифатиме“ рече Филипче.
Според него, времето за делување е ограничено и земјата треба интензивно да работи на своите преговарачки позиции, особено со оглед на плановите за проширување на ЕУ до 2030 година. Тој апелираше до Владата да ги сподели деталите за својот план и временската рамка.
„Веќе се случи одвојувањето, а ако имаме предвид дека до 2030 година веќе се планира една група на земји на Западниот Балкан да влезе во ЕУ тоа значи дека ние до крајот на оваа година во текот на 2025 треба интензивно да работиме. Во Црна Гора ги отворија веќе завршните „бенџ маркови“ за поглавјата за правосудство што значи дека тие постепено го затвораат процесот на преговори. Еве Албанија веќе оди напред требаше да бидеме заедно не сме треба да знаеме каков е планот и која е временската рамка на Владата по ова прашање“- рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.