9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Прес-конференција „100% посветени! За тебе“ на министерот за одбрана Владо Мисајловски

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството одржа прес конференција по повод 100 дена нова Влада, на која информираше за преземените активности и проектите, кои се реализирани, кои се во фаза на реализација, како и за идните приоритети на Министерството за одбрана.

Во продолжение интегрално обраќањето на министерот Мисајловски

Заложбата на Владата е да имаме стабилна, безбедна и просперитетна држава. Зголемен Буџет значи и поголеми инвестиции во одбранбените капацитети, инвестиции во нова модерна опрема компатибилна со НАТО стандардите.
Во 2025 година предвидуваме зголемување на Буџетот за одбрана, и 37% од овие средства да бидат насочени за модернизација и опремување на Армијата односно некаде околу 8,5 милијарди денари, што е за 3 милијарди денари повеќе од оваа година.
Изразено во проценти и пари – Предлог буџетот на Министерството за одбрана за 2025 година предвидуваме да е 2,40% односно околу 23.000.000.000 денари. За плати и надоместоци планирани се 30% , а за опремување и модернизација 37%, односно 7% повеќе од досега. Реализацијата на Буџетот на Министерството во овој момент, заклучно со 01.10.2024 година, изнесува 73%.
Опремувањето и модернизација на армијата – Најнапред ќе се осврнам на Модернизацијата кој е еден континуиран процес кој ги зајакнува капацитетите на нашата Армија. Она што е најважно е дека ние, оваа Влада, ќе продолжи да инвестира во одбранбените капацитети односно во човечки ресурси и нова модерна опрема. Во моментов повеќе проекти за модернизација се во фаза на реализација согласно предвидената динамика. Согласно побарувањата на Армијата, во процес на набавка на лесни оклопни возила, оклопни транспортери, опрема за противвоздушна одбрана, хеликоптери, инженериски машини, опрема за специјалните сили и за останатите единици. Дополнително, пред две недели добивме Пакет помош од 13 милиони евра од ЕУ кој што ќе се финансира во рамките на Европскиот мировен фонд. Оваа помош опфаќа технологии поврзани со разузнавање, набљудување и извидување, електронско војување и комуникациско разузнавање, логистика, инженерска опрема, комуникациски и информациски системи. Но се разбира со оваа помош е опфатена и обука за персонал каде што е потребно.

Околу набавката за нова опрема:
На 29 јули 2024 беше извршен прием на нови 6 JLTV – лесни оклопни возила, Ова е дел од проектот кој ќе се реализира во 2024 и 2025 година, со што македонската армија ќе добие нови 96 лесни оклопни возила ЈЛТВ и 42 Страјкери.
Минатата недела на Армискиот полигон Криволак имавме можност да се увериме и во дел од новата опрема која веќе е вградена на JLTV возилата, a ќе се вградува и на Страјкерите, далечински управувана вооружена станица нова, систем кој и покрај тоа што дава сигурност по животот на припадниците на Армијата има огнена моќ и прецизност при сите услови. Но да не заборавиме да ги споменеме и сите донации кои ни дојдоа и ни доаѓаат од сојузничките земји, за што навистина упатувам огромна благодарност.
Околу конкретните податоци: JLTV –лесни оклопни возила 96 – што во моментов имаме 38 возила. 58 ќе стигнат до крајот на 2025г. Околу Страјкерите – тоа се оклопни транспортери 42– сите треба да стигнат во текот на 2025 година. Исто така продолжуваме со проектите за против воздушна опрема односно одбрана: Ракетен систем Mistral 3 кој опфаќа лансирни механизми и ракети. Исто така продолжуваме и со набавката на опремата за артилерија: Во првиот квартал од 2025 година ќе пристигнат и хаубиците „БОРАН“. Како што знаете има и попишан договор за 8 осум хеликоптери, повеќенаменски хеликоптери најнова генерација, четири од типот 149 и четири од типот 169 од Компанијата Леонардо врз основа на потпишан Договор Влада со Влада.

Во однос на ремонтот на двата хеликоптери Ми8/17 би сакал да напоменам дека ова е проект кој не беше завршен од претходното раководство, за кој се ветуваше дека хеликоптерите ќе бидат вратени од ремонт најнапред во мај, па во јуни, но некој а знаеме кој, не си ја завршил домашната работа. Презедовме конкретни активности за реализација, со што македонската армија ќе располага со уште два оперативни хеликоптери од месец ноември 2024г.

Во однос на капиталните инвестиции – Најнапред сакам да кажам дека во изминатово тромесечје се завршени и неколку проекти:
реконструкција на Сидриштето Билјанини извори во Охрид,
реконструкција на двата објекти во касарната Гоце Делчев,
санација на топловод во Касарната во Петровец и во штипската касарна Јане Сандански.

И тука мора да истакнам дека овие проекти се од претходното раководство, беа започнати, беа во финална фаза и ние како министерство ги завршивме и тоа што е добро треба да се пофали а се разбира и да се продолжи да се надградува.

Но, условите за работа на припадниците на Армијата мора да бидат како што треба и затоа веќе се распишани јавни набавки за реконструкција, градежно уредување, санација и доуредување на повеќе објекти, во касарните во Кичево, Тетово, Штип и во касарната во Илинден во Скопје, во Воено медицинскиот центар, во Генералштабот, во Криволак, во Дренов Дол и во други објекти на Армијата во висина на проценета вредност од околу 151 милион денари.

За 2025 година предвидуваме средства за реконструкција, доуредување, санација и изградба на повеќе објекти тоа се во касарните во Штип, Тетово, Кичево, касарните Илинден и Страшо Пинџур во Скопје, исто така на Армискиот полигон Криволак и се надевам дека со новиот Буџет ќе ги обезбедиме средствата и за нов Дом на АРМ односно целосна реконструкција на Домот на АРМ.

Околу грижата за вработените – Моја лична заложба е додека јас сум министер, сите финансиски импликации кон вработените, навремено да бидат исплатени согласно законите и Колективниот договор. Токму затоа во овие три месеци презедовме конкретни чекори и ги обезбедивме сите финансиски средства и за прв пат, повторувам за прв пат, сите вработени ги добиваат сите надоместоци согласно Колективниот договор. Приоритет ни се редовни исплати кон вработените како и подмирување на сите заостанати исплати по различен основ и затоа ќе се залагам да имаме доволно финансиски средства за унапредување на стандардот на вработените во Министерството и Армијата, што подразбира набавки на лична опрема, но и опрема што ќе даде значаен придонес за развој на капацитетите на македонската Армија. Но она што го затекнав беше сериозна финансиска состојба која беше на штета на Министерството по основ на извршни судски решенија, по тужби поднесени од припадниците на Армијата, кои си ги барале своите правата кои им следат, само за оваа година исплатени се преку 6,2 милиони евра. Или оваа сума изнесува од 2021 година навака преку 17,6 милиони евра, сметано од 2021г. Овој издаток е навистина непотребен, треба да има одговорност, затоа што со овие финансиски средства наместо да бидат плаќани по судски и адвокатски трошоци, може да купиме основни елементи за лична опрема.

Наша цел покрај финансискиот аспект е да имаме добро обучен и стручен персонал. Токму затоа веќе испративме офицери на школување во Високите школи во Грција и Бугарија, и испраќаме припадници на Армијата и вработени од Министерството на курсеви, школувања, вежби, обуки во САД, Грција, Турција, Унгарија, Босна и Херцеговина, Италија, Германија, Франција, Црна Гора, Норвешка, Португалија, итн.

Во изминативе 3 месеци остварив средби со амбасадорите и воените претставници на нашите стратешки партнери, земјите од регионот и НАТО како и потврда на заложбите за зајакнување на дипломатските односи со високи политички претставници на американскиот Конгрес со Сенатот и се разбира во Пентагон за време на Самитот на НАТО, но и при мојата посета на САД во однос на билатералните консултации со нашиот стратешки партнер.

На Билатералните консултации за одбрана во САД кои се одржаа во Пентагон, ја потврдивме заложбата на Владата, за доследно исполнување на сите обврски од последниот Самит во Вашингтон, притоа потврдувајќи ги проекциите на Буџетот за одбрана за 2025 година и модернизацијата на Армијата. Исто така сакам да нагласам дека на претходно на Самитот на НАТО, заедно со колегите од Бугарија, Албанија и Италија, потпишавме и прв меѓународен документ на оваа Влада, Писмото за намери за воспоставување на хармонизиран коридор за воена мобилност во рамките на Коридорот 8, за потребите на Алијансата. Сакам да ве информирам дека и Романија се заинтересира да биде дел од овој процес така што на 17-ти и 18-ти овој месец во Брисел ќе се потпише уште еден нов, фактички анекс на овој договор, каде што ќе се приклучи и Романија.

Но исто така во делот на регионалните иницијативи ја одбележавме 25 – годишнината од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, исто така и 8 годишнината од формирањето на Балканските медицински сили.

Останува нашиот придонес во сите операции, со нашите армиски припадници учествуваме во ЕУ и НАТО мисиите/операциите како што се АЛТЕА во Босна и Херцеговина, КФОР Косово исто така во Латвија, Романија и Бугарија за заштита на источното крило на Алијансата и дополнително со 3 офицери учествуваме во мисијата на ОН – УНИФИЛ во Либан.
Исто така остануваме посветена за поддршката на Украина, која има право да ја одбрани својата независност, територијалниот интегритет и суверенитет од руската агресија. И токму затоа подготвувавме и подготвивме нов пакет помош кој ќе се најде набрзо на Владина седница.

Околу кризната состојба – сакам да информирам дека за време на кризната состојба во приправност беа околу 300 припадници на Армијата со два воздухоплови. Сакам да ве информирам дека со пренамена на средства сите овие припадници ќе бидат наградени.
Она што веќе го знаете е дека кога станав министер за одбрана 120 лица кои биле упатени на стручно усовршување за офицери и подофицери, на кои им било ветено дека ќе бидат вработени во Министерството, не биле предвидени средства во буџетот или пари за нив, едноставно ги оставиле. Направивме реалокација на средствата, средствата се обезбедени така што имаме 120 лица кои се веќе дел од структурите на одбраната, и се промовираа и нови 28 поручници.

Исто така сакам да нагласам дека потпишан Меморандум за соработка помеѓу Воената Академија и Министерството за спорт, каде што ќе имаме нова сала за Воената академија.

На крајот, како претставник на Владата уште еднаш сакам да нагласам дека ја потврдуваме заложбата за стабилно финансирање на одбраната, за модернизација на Армијата се разбира и за подобрување на воената инфраструктура, и за придонес во меѓународните операции, а секако и за поддршката на Украина.

фото Министерство за одбрана