Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите призна дека низ Скопје дивеат разулавени банди, додека Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, кадар токму на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ го потврдува тоа што граѓаните го зборуваат изминатите месеци, дека безбедноста во главниот град, но и во државата е загрозена, а во медиумите речиси секојдневно се известува за убиство, обид за убиство или престрелка.
Последен случај беше синоќешното пукање во скопски Чаир, каде што едно лице беше тешко повредено. Ова беше втор случај за еден месец млад човек да биде жртва, кога и во септември едно лице беше тешко повредено во пукање.
„Со Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок се случува хаос. Неказнивоста и неефикасноста на МВР е празник за криминалците кои немаат страв од Тошковски и прават што сакаат“, порачуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението до медиумите за безбедносната ситуација ја обвинуваат опозициската СДСМ, без да наведат што прави полицијата, која е под команда токму на ВМРО-ДПМНЕ за да го заштити народот.
„Престрелките на разулавените банди низ Скопје е директно масло на односите на СДС со скопското подземје и завојуваните групи чија моќ во време на СДС порасна а бизнисите цветаа“ соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, признавајќи дека МВР нема контрола врз бандите кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.