4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Левица: Нов удар пред грејната сезона – исчезнаа субвенциите од сметките за електрична енергија

– Владата со нов удар по џебот на граѓаните – ставката „субвенции“ на сметката за електрична енергија магично исчезна, пред почетокот на грејната сезона. Најпогодени од ваквата политика се граѓаните со најниски примања. По уште еден параметар, актуелната Влада, и покрај формирањето на ново Министерство за енергетика, успева да биде полоша, дури и од претходната!, реагираат од политичката партија Левица.

Според Левица, пиватизацијата на енергетскиот сектор во Македонија беше скапа грешка. Товарот го носат граѓаните. Од таму уште додаваат дека профитите што ги генерираат приватни енергетски компании не се реинвестираат во нашата енергетска инфраструктура. Наместо ова, тие се пренасочуваат за полнење џебови на „инвеститорите“.

– Нашата електроенергетска мрежа се распаѓа поради недостиг на инвестиции кои очајно се потребни за нејзино обновување и задоволување на потребите на пазарот. Тоа доведува до недостиг на домашно производство на струја и рапидно зголемување на цените. Сметките за електрична енергија ставаат неподнослив товар како за домаќинствата, така и на индустријата.

Левица апелира да продолжи субвенционирањето на електричната енергија, чиј прекин ќе ги погоди најсиромашните и, веројатно, ќе доведе до нов бран на инфлација.
Само универзален државен снабдувач може да гарантира стабилизација на цените на електричната енергија, за што се залага и Левица.

Во спротивно, државата со народни пари ќе продолжи да ги полни џебовите на странските компании – создавање на државни капацитети ќе нема, државата ќе остане зависна од странски компании, додека народот е принуден да плаќа сè повисоки и повисоки сметки за струја, велат од политичката партија Левица.