23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ураганот предизвика катастрофални поплави во Америка, најмалку 90 загинати

Ураганот Хелен, кој на крајот на минатата недела ги опустоши југоисточните сојузни држави на САД, предизвика катастрофални поплави од Флорида до Вирџинија, предизвика огромни материјални штети и според последните податоци однесе најмалку 90 животи.

Жителите на југоисточните американски држави почнаа со чистење и поправка вчера, откако ветерот на ураганот Хелен, силниот дожд и невремето предизвикаа катастрофални поплави во шест држави од Флорида до Вирџинија, оставајќи милиони луѓе без струја, уништени домови, патишта и мостови.

Најмалку 90 луѓе ги загубија животите во невремето, пресмета Ројтерс, врз основа на податоците на локалните власти во Јужна и Северна Каролина, Флорида, Џорџија, Вирџинија и Тенеси. Си-ен-ен, пак, јавува за вкупно 93 загинати лица.

Според последните податоци, најмногу луѓе, од кои 36, настрадале во Северна Каролина. Јужна Каролина пријавила 25 смртни случаи, Џорџија 17, а Флорида 11. Вирџинија пријавила два смртни случаи, како и Тенеси.

Се стравува дека бројот на загинати може да биде поголем. Осигурителните компании проценуваат дека штетата предизвикана од ураганот Хелен би можела да изнесува меѓу 15 и повеќе од 100 милијарди долари./Извор:Makfax