Одлуката на Министерството за економија за маржите е веќе помината на владина седница, ќе имаме вакви акции, кои ќе траат еден месец, еден и пол месец, два месеца, во кои бруто-профитот ќе биде ограничен до ниво до 10 проценти за да не ни се случуваат удари по стандардот на граѓаните, ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски од Штип одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката за замрзнување на маржите.
Деновиве, и министерот за економија, Дурмиши, објави дека наместо замрзнување на цените, ќе се ограничуваат профитните бруто-маржи на големо и мало.
„Има таму стотици продукти што ќе бидат опфатени и така континуирано ќе носиме мерки со кои ќе се обидеме да го подобриме стандардот на граѓаните и да ја олесниме живејачката, која и така е тешка“, одговори денеска Мицкоски.
Тој беше дециден дека одлуката за ограничувањето на маржите е помината на владина седница, а се очекува да ја објасни и министерот за економија на прес-конференција.
Инаку, според најавите, со мерката ограничена маржа до 10 отсто ќе бидат опфатени 100-ина производи, а планот според најавите е ваква мерка да има и во наредниот период, особено за време на празници./Извор:Makfax