23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Зошто е штетен Законот за кредит од Унгарија – ова се аргументите на опозицијата

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче, на денешната прес-конференцијата со пратенчката група на СДСМ и коалицијата, ги изнесе агрументите, зошто е штетен Законот за кредит од Унгарија и зошто се против носењето на овој закон.
Според Филипче, предлог Законот изобилува со многу недоречности и непознаници, што го прави скандалозен и коруптивен.
Прв аргумент како што рече Филипче е начинот на кој се носи Законот,односно по скратена постапка, за што вели дека е одлука без преседан.
Потоа, се посочува на непостоење на јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари. Нема јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, не се јасно прецизирани трошоците односно има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени.
„Кога нема јасни одредби во законот, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени, за СДСМ недозволиво и крајно неодговорно да се носи овој закон во скратена постапка. Со носење на овој Закон по скратена постапка целта на Владата е јавноста и граѓаните да бидат лишени од можноста детално да слушнат што се крие зад ова задолжување“, вели Филипче.
Следен аргумент што го прави коруптивен Законот според опозицијата е тоа што нема дебата и не е вклучена експертската јавност во процесот на носење на Законот.
Исто така, според опозицијата ова задолжување е договорено уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, вонинституционално и во четири очи.
На прес-конференцијата претседателот Филипче порача дека СДСМ кој ја води Комисијата за финансирање и буџет нема да го стави овој закон на расправа и ја повика власта да се вразуми, да го повлече Законот и да го стави во редовна процедура. Воедно, да се организира јавна експертска дебата а законот да ги помине сите филтри.
„ Доколку ова не го направи ВМРО-ДПМНЕ тогаш јасно потврдува дека има сосема други скриени намери на кои предупредивме. Срамно и недозволиво овој закон да се донесе по скратена постапка. СДСМ бара да се искористат сите механизми на Собранието за јавна расправа по овој овој закон“, изјави Филипче.