27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Талески: Наместо одговорност Мицкоски и ДПМНЕ молчат за скандалите со Гаши, се враќа неказнивоста

Обраќање на претеникот Миле Талески за интерпелацијата на претседателот на Собранието – интегрален текст

Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерепелацијата на претседателот на Собранието. Имаме обврска да застанеме на патот на башибозукот и безаконието коешто од првиот ден го промовираа партиите од власта.

Ако имаа барем малку почит, ако сакаа барем малку да си го сочуваа образот, оваа интерепелација ќе дојдеше од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Каде е денеска Мицкоски да порача дека никој не е над народот, законот и уставот, ќе има одговонрост? Нели така со полна уста ги уверувавте граѓаните дека ниту еден политичар нема да биде поштеден од политичка одговорност, дека секој што ќе работи спроривно од правилата и законот ќе одговара?

За само два месеци се случија серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ а одговорност нема за никого. Во опозиција секоја изјава ја започнуваа со „одговорност“ сега седнаа во удобни фолтеји и веднаш ВМРО-ДПМНЕ ја смени плочата. Веднаш функционерите од власта станаа недопрливи. Знаете на што потсетува тоа? На 2016 година. Како што гледаме се враќа 2016 година и тоа на голема врата. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не гледаат одговорност и кај никого од власта.

Да почнеме по ред. Прво, се случи тежок безбедносен инцидент на аеродромот во Скопје. На 1 август, во 10.00 часот наутро, шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието, по налог на претседателот на Собранието, дошол на аеродромот, нападнал вработен на ТАВ и внимавајте, нападнал полицаец, го турнал, и се заканувал со пиштол.

Спротивно на сите правила и прописи. Како во некој вестерн филм, како во Дивиот Запад. Значи шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието се стави над законите. Само затоа што било побарано претседателката на Косово да помине скенер. Е сега зашто тврдам дека се враќа 2016 година? Затоа што исто како во времето на Груевски и Мијалов прво преку МВР најпрво се обиде да го забошоти случајот кој се случил рано сабајле околу 10.00 часот.

МВР на Тошковски не ја удостои јавноста со прес конференција, да кажат што се случило тој ден. Си молчеа, збор не зуцнаа. Веста касно вечерта на 1 август прво ја објавија националните медиуми, па дури потоа, вечерта пред полноќ искочи првична верзија на МВР.

Со денови сите молчеа, каква одговорност, какви бакрачи, Мицкоски замижа со двете очи.

Се молчеше и од Белиот дворец. Сите ги снема, занемеа, тотален молк.

Дури откако темата се крена во јавноста и почнаа силни реакции МВР, под притисок на јавноста беше принудено нешто да направи и да соопшти што се случило.

Шефот на обезбедувањето на претседателот на Собранието доби кривична пријава за „загрозување на сигурноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.

Според пријавата Синани на први август претпладне стигнал со возило со полициска ротација.

Излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од ПС за ГП Меѓународен Аеродром Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија.

Се поднесе дициплинска постапка за шефот на обезбедувањето, но за политичка одговорност повторно молк. Толку.

Иако во својот извештај, МВР констатираше дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што одговорноста директно ја насочи токму кон Гаши кој ја дал наредбата на обезбедувањето.

Токму со ова ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски требаше да бидат првите коишто ќе побараат одоговорност за Гаши после оваа констатација на МВР.

Значи МВР, не СДСМ, не опозицијата, МВР контатираше дека надвор од своите надлежности претседателот на Собранието го испратил обезбедувањето на аеродромот по што следувал инцидентот.

И да, точно е дека претседателот на Собранието нема надлежност да дава такви наредби. Обезбедувањето е под МВР, има Началник и пред него одговараат. Прекршени се десетина правила.

Оттука, јасно е дека одговорност треба да има.

И Мицкоски имаше шанса да побара политичка одговорност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаа шанса да побараат политичка одговорност. Но не го направија тоа. Си молчите. Човек да се запраша дали сте вие истите од пред изборите?

Заборавивте на се си ги погазивте сите свои ветувања.

Го слушаме вчера премиерот Мицкоски вели барањето одговорност било глупост! Каква глупост, да не беше трагично ќе беше смешно.

А внимавјате во какви глупости влегува министерот Тошковски. Наутро во извештај на МВР пишува дека имало незаконска наредба од Гаши, а вечерта го брани дека немало основа за одговорност.

Ете колку малку требаше, за целата јавност да се увери дека со Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ нема правда, нема одговорност. Повторно високите функционери ќе бидат заштитени како бели мечки.

Јас ве уверувам дека додека се на власт ниту еден фукнционер нема да одговара. Исто како што функционираше тандемот Груевски – Мијалов

Нели секој функционер ќе одговараше? Ама овој инцидент не беше единствениот скандал.

Се случи скандал и со употреба на службените возила на претседателот на Собранието на свадба во Косово. Потоа се случи уште поголем скандал со минување на границата со Косово на сватовите на Гаши со приватни возила и без никаква контрола.

Станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите.

Границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата.

Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола. Никој не знае во тие возила што поминало, што се носело преку границата. Класична злоупотреба на граничен премин и прекршување на законите.

Затоа се поставува прашањето дали оваа граница воопшто постои?

Под притисок на СДСМ, Панче Тошковски ги потврди сите објавени информации за скандалот со свадбената поворка на Африм Гаши и ги призна сите пропусти на граничниот премин Блаце.

Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако беа фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидоа одговорноста да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени сватовите без контрола.

Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север.

Ова почитувана јавност е партиски договор на ДПМНЕ и ВЛЕН и јасно е денеска зошто нема одговорност за началникот на граничниот премин, ниту за Тошковски кој го поставил. Нема одговорност ниту за Претседателот на Собранието.

И додека никој не одговара и не носи политичка одговорност ВМРО-ДМНЕ удри по полициските службеници кои работат на граничниот премин „Блаце“.

Единствени казнети се полициските службеници со казни по процент на плата. Ова е тотална срамота.

За инцидентот на аеродромот вината кај извршителот, удривте по самарот, за одговорноста на граница кај раководителот на смена, удривте каде што ви текна, само за да го заштитите партискиот дил меѓу ДПМНЕ и ВЛЕН.

Какво лицемерие и лажење на граѓаните. Пред избори сите ќе одговараат, по избори пу пу не важи никој од власта не одговара. Е тоа е ДПМНЕ и ќе биде само полошо. Мицкоски ја враќа неказнивоста од 2016 ДПМНЕ ја на голема врата.

Христијан Мицкоски ја пропушти првата шанса да се одважи и да го смени Гаши. Само така ќе докажеше дека си стои на својот збор за одговорност на политичарите. Еве шанса за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи тоа не го направија досега нека гласаат денеска. Ако не гласата нема да можат никого да обвинуваат за ништо. СДСМ нема да стои на страна, нема да дозволи повторно да се приватизира државата. Одговорност ќе има.

Линк до видео: