24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Додека Рамадани бил во куќен притвор, Наум Рамука со рено го однесол во Косово и го вратил

Како што вчера најавија, од СДСМ денес ги објавија информациите поврзани со бегството на Блерим Рамадани, односно дека тој не избегал, туку бил пуштен и со службени возила пренесен преку границата во Косово.

„Како што вчера објавивме и според информациите до кои дојде СДСМ, на 10.8. додека Блерим Рамадани требалот да биде во куќен притвор, тој всушност бил на Косово. За неговиот транспорт до Косово бил задолжен ни помалку ни повеќе, туку Началникот на северната граница со Косово, Наим Рамука. Човек кој е неодамна поставен на оваа позиција од Тошковски. Согласно информациите, Наим Рамука со возило Рено, го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола“ изјави пратеникот Митко Трајчулески на прес-конференција.

Тој додаде дека вечерта, исто без контрола Рамука и Рамадани се вратиле кон Македонија, за Рамадани да се врати во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор.

Трајчулески потсети дека Рамука е истиот началник на Тошковски, кој без контрола ги пропушти и претседателот на Собранието Африм Гаши и сватовите да ја поминат границата.

„На 14.08. четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице. За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Неговиот идентитет нема да го откриеме и ќе почекаме тоа да го напраави ОЈО. Ова лице и Блерим Рамадани на границата со Блаце биле пропуштени од раководителот на смена без контрола, кој пак добил директна наредба да ги пропушти од погодете кој, Наим Рамука“ додаде Трајчулески.

Тој кажа дека СДСМ бара ОЈО да отвори постапка за организирано пуштање на слобода на затвореник од лица вработени во МВР и Општина Чаир, да истражи кој се учествувал во пуштањето на Рамадани и да се покренат постапки против сите.

„Бараме Тошковски итно да поднесе оставка, а пред тоа да го направи, да ги разреши сите кои тој ги поставил на границата со Косово почнувајќи од Наим Рамука кој се однесува како шериф на границата. Секако, Рамука ова не би го правел без амин од Тошковски, затоа двајцата мора да заминат. Му порачуваме да не се обидуваат преку жртвени јагниња од пониските ешалони да ја покриваат својата одговорност“ рече Трајчулески.