Поранешниот американски претседател и актуелен републикански кандидат за американски претседател Доналд Трамп го даде првото интервју по обидот за атентат врз него.
Тој разговараше со Салена Зито од The Washington Examiner, која беше присутна на митингот во Пенсилванија каде вооружениот напаѓач Томас Метју Крукс пукаше кон Трамп и уби учесник на митингот, пред да биде застрелан од Тајната служба.
Во своето прво интервју за медиумите по атентатот, Трамп изјави за The Examiner дека го сменил говорот на конвенцијата за да се фокусира на пораката за „единство“ наместо да го критикува Џо Бајден.
„Говорот што требаше да го одржам во четврток ќе беше импресивен“, рече Трамп. „Да не се случеше ова, ќе беше еден од најневеројатните говори. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор“, рече Трамп.
„Ова е можност да се собере целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, многу поинаков отколку што би бил пред два дена“, додаде тој.
Трамп рече дека куршумот поминал покрај него кога погледнал десно за да гледа видео клип што се пушта на екранот.
„Речиси никогаш не го тргам погледот од толпата на митинзи. Ретко го тргам погледот од толпата, а тоа беше потег кој веројатно ми го спаси животот. Да не го направев тоа во тој момент, денеска немаше да разговараме, зар не“, рече тој.
Трамп беше прашан и за моментот кога ја крена тупаницата и извика „борба“. Тој рече дека сакал да ги увери присутните дека е добро и дека „Америка продолжува понатаму“.
„Енергијата што доаѓаше од луѓето таму во тој момент – тие само стоеја; тешко е да се опише чувството, но знаев дека целиот свет гледа“, рече тој. Знаев дека историјата ќе суди за тоа и знаев дека морам да им дадам до знаење дека сум добро“.
Претседателот Џо Бајден двапати и се обрати на нацијата, повикувајќи на единство и осудувајќи го пукањето.
„Сакам да разговарам со вас вечерва за потребата од намалување на температурата во нашата политика и запомнете, иако можеби не се согласуваме, ние не сме непријатели“, рече тој.
„Ние сме соседи, ние сме пријатели, колеги, граѓани. И што е најважно, ние сме Американци. Мораме да бидеме заедно“, рече Бајден./Извор:Makfax