Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што беше беше истакната посветеноста за натамошно јакнење на пријателските и партнерски односи меѓу двете држави.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија, што јасно го демонстрираше за време на своето претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на минатата година. Во тој контекст, беше разговарано за натамошниот тек на реформската агенда по формирањето на новата влада.
На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во поширокиот регион.
Претседателката Сиљановска Давкова посочи на интересот од македонска страна за натамошно интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави.