23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: По 60 години Бутел 2 добива нова градинка, над 200 дечиња ќе добијат пристојни услови за живот

Интегрален текст од денешното обраќање на премиерот Мицкоски при посетата и поставувањето на камен темелник на нова детска градинка во скопската општина Бутел:

„Почитувани граѓани на Општината Бутел,

Почитуван градоначалник Дарко Костовски,

Почитуван министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани,

Почитувана министерке за образование и наука преофесор Весна Јаневска,

Драги пријатели, браќа и сестри,

Навистина ми преставува особена чест што имам можност да го означам почетокот на градбата на новата градинка овде во Бутел 2, каде што пред изборите ветивме решавање на хаосот кој што постоеше со згрижување на дечињата во предшколската возраст.

По 60 години Бутел 2 добива нова градинка, а стариот и дотраен објект ќе биде срушен. Над 200 дечиња ќе добијат пристојни услови да го поминуваат своето детство.

1800 метри квадратни ќе бидат доволни да ги задоволат барањата на оваа населба, а инвестицијата е над 100 милиони денари. Има и одредена симболика за овој објект.

Тука е мешана етничка средина, има дечиња и од македонска и од албанска национална припадност. Инвестициите во ваквата инфраструктура мора да бидат подеднакви затоа што подеднакво треба да се грижиме за решенија на проблемите кои ги засегаат сите граѓани.

Ова е време кога државата треба да прави за народот, затоа што долго време народот правеше за државата.

Македонија треба да припадне во рацете на граѓаните.

Оваа градинка ви ја ветив пред изборите и еве ме на 8миот ден од новата Влада редиме камен темелник на оваа градинка. Дарко, министерот, министрите и јас остваруваме уште едно ветување. На овој начин создаваме и си стоиме на зборот.

Образот нема цена. Исполнуваме за тебе, за сите граѓани. Нека е честито и да се сведочиме на уште многу убави работи.“, истакна премиерот Мицкоски при поставувањето камен темелник на нова детска градинка во општината Бутел.