Руските пранкери кои често целат кон политичари од интерес на руската држава денеска објавија видео од видео повик со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон во кој го убедија дека разговара со поранешниот украински претседател, Порошенко.
Британското Министерство за надворешни работи на почетокот на овој месец соопшти дека Камерон остварил видео повик со некој кој се претставил како поранешниот украински претседател Петро Порошенко пред да сфати дека е жртва на измама.
Повикот во траење од околу 15 минути, во кој Камерон може да се види како разговара на мобилен телефон некаде надвор, облечен во неформална облека, е дело на руските пранкери кои ги користат прекарите „Вован и Лексус“.
Двајцата станаа познати во Русија откако измамија голем број политичари во изминатите неколку години, вклучително и експремиерот, Зоран Заев.
Воксан и Лексус во минатото ги негираа обвинувањата од западните земји дека имаат врски со руските разузнавачки служби, иако често на своите жртви им поставуваат прашања кои би биле од политички интерес за руската држава.
Лобирање на Трамп
На снимката, Камерон може да се слушне како зборува за приватната вечера што ја имал со американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во април, за време на која лобирал Трамп да им дозволи на републиканците да гласаат за американската воена помош за Украина.
Се слуша како Камерон вели дека Републиканската партија е поделена околу Украина и му кажува на Трамп дека не е во право ако мисли дека Путин го сака само Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, како и регионот Донбас, кој се состои од Доњецк и Луганск, два од четирите украински региони кои Москва ги присвои како руска територија.
„Вашингтон пост“ во април објави дека Трамп приватно разговарал за опцијата да му дозволи на Путин да ги задржи Крим и Донбас во замена за мир, нешто што кампањата на Трамп не го потврди. Се слуша како Камерон вели дека таквата идеја пропаднала.
„Трамп е убеден дека може да се постигне договор, но тоа не е така бидејќи Путин сака многу повеќе“
„Трамп е убеден дека може да се постигне договор, но тоа не е така затоа што Путин сака многу повеќе“, вели Камерон и додава дека мисли оти Трамп, доколку победи на изборите, ќе ја поддржи победничката страна на првата линија и затоа летните битки се толку важни.
Камерон, исто така, вели дека Украина нема да биде поканета на самитот на НАТО следниот месец, бидејќи Вашингтон се противи на идејата. Камерон понатаму вели дека не мисли оти потенцијалниот француски план за испраќање војници во Украина е вистинскиот пристап бидејќи таа војска би станала цел на Путин.
Тој потсетува и на средбата со министерот за надворешни работи на Казахстан во април. Вели дека министерот му рекол оти централноазиската нација се плаши дека Русија „сака парче“ од северен Казахстан, кој е дом на многу етнички Руси./Извор:Makfax