Илина Мангова од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина, зборуваше за односите со ЕУ на Северна Македонија и земјите од регионот.
Мангова истакна дека интеграцијата во ЕУ се уште има силна поддршка меѓу граѓаните, но сепак, поради односот на Унијата, вербата кај граѓаните дека тие набрзо ќе станат дел од ЕУ се намалува.
„Поддршката за интеграција во ЕУ сè уште е висока, од 60% во Северна Македонија и БиХ до 92% во Албанија. Сепак, она што сега е важно е да се земе предвид вербата на луѓето во намерите на ЕУ да понуди членство на земјите од Западен Балкан. Ова, се разбира, опаѓа, бидејќи чекањето е долго и луѓето губат надеж и не ги гледаат намерите на ЕУ како сериозни. Така, највисока верба има во Косово, со 63%, потоа Црна Гора со 59%, а потоа опаѓа во Албанија со 54%, а најдолу се Северна Македонија со 34% и Србија со 30%“ рече таа.
Мангова оцени дека Европската комисија е најголемиот и најпријателски сојузник на замјите од Балканот, но изрази стравување дека ако ваквата ситуација на односи со ЕУ продолжи, тогаш ќе расте и недовербата на граѓаните.
„Ако ситуацијата продолжи онака како што е сега и трае предолго, тогаш недовербата ќе се зголеми дури и во најподдржувачките земји. Ние ја следиме јавната поддршка во Северна Македонија од 2000 година па наваму и тогаш, поддршката за интеграција во ЕУ беше 92%, а сега е 62%, што претставува огромен пад, и ако ваквата ситуација продолжи и во другите земји, тогаш поддршката ќе почне да опаѓа уште повеќе. Луѓето се надеваат на европски начин на живот и затоа сакат да бидат дел од ЕУ. Недовербата во институциите е толку висока што луѓето очекуваат и сакаат да се приклучат на ЕУ за да осигураат дека ќе има некој кој ќе им помогне на институциите да бидат силни, да испорачуваат за граѓаните, и на тој начин да добијат европски стандарди на живот и европски стандарди за функционирање на институциите“ порача Мангова од Атина.