Сакам да се заблагодарам пред сѐ на нашиот македонски народ за огромната поддршка што ни ја даде на изборите за да направиме историска победа и шансата да работиме за нашата Татковина. Сега доаѓа време за напорна работа, посветеност и реформи за Македонија да биде повторно горда, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
-Сакам да му се заблагодарам на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и идниот Претседател на Владата Христијан Мицкоски, за укажаната доверба и чест да бидам министер за одбрана во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, благодарност за поддршката и на извршниот и централниот комитет, но и на сите активисти на партијата и граѓани што секогаш се до мене и се мојата енергија. Силно ќе се заложам за подобрување на условите во македонската армија и подобрувањето на одбранбениот стандард, одбранбената готовност и модернизацијата на армијата, како и подобрување на условите за униформираниот и цивилниот кадар во Министерството за одбрана, посочи тој.
Мисајловски порача дека ќе се заложи односите со нашите стратешки партнери да бидат уште позасилени, а армијата да биде лицето на државата која ќе сведочи за нејзината организираност.
-Можам да ветам дека ќе го дадам и последниот атом за нашата татковина со чесна и макотрпна работа за достоинствена Македонија, истакна Мисајловски./Извор:Makfax