26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор на Банката

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје на денешната седница го именуваше Тони Стојановски за нов Претседател на Управниот одбор. Тони Стојановски ќе ја преземе функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје по добиена согласност од Народната банка на Република Северна Македонија. Во меѓувреме ќе ја преземе функцијата Помошник на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. До добивање согласност од Народната банка за нов Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, функцијата ќе ја извршува актуелниот Претседател на Управниот одбор, Бранко Грегановиќ.

Тони Стојановски доаѓа од Стопанска банка Скопје каде до неодамна, 15 години беше член на Управниот одбор на Банката. Од 2020 година, Стојановски е Генерален директор за корпоративно банкарство, а во периодот помеѓу 2010 и 2020 година, тој беше и генерален директор за управување со ризици. Пред да се приклучи на менаџерскиот тим на Стопанска банка Скопје, Стојановски извршуваше високи раководни функции во Народната банка на Република Северна Македонија, вклучително и функцијата Генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност.

Тони Стојановски е банкарски професионалец со повеќедецениско работно искуство во финансискиот сектор и долгогодишен член на релевантни одбори и организации: Претседател на Управниот одбор на Македонска берза АД Скопје, Заменик претседател на Македонската банкарска асоцијација и Претседател на Надзорниот одбор на Стопанска Лизинг Скопје.

Тој е магистер на економски науки од областа на монетарната економија, сопруг и татко на две деца.

„Почестен сум од довербата да бидам именуван за Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. Ја прифаќам оваа улога со благодарност и уште поголема одговорност. Посветеноста на тимот на Банката кон напорна работа и колективната посветеност за постигнување врвни резултати, доволно зборува за потенцијалот што оваа Банка го има за да ги постигне своите цели и да ја исполни својата мисија“.- истакнува Стојановски по денешната седница на Надзорниот одбор.

Бранко Грегановиќ ја извршува функцијата Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје од јануари 2022 година. Под раководство на Грегановиќ, НЛБ Банка Скопје постигнува одлични деловни резултати, а истовремено реализирани се и бројни општествено одговорни проекти со значајно влијание во заедницата.

По именувањето на новиот Претседател на УО на Банката, Бранко истакнува: „Промените се дел од процесот на развој и составен дел од растот на Банката. Драго ми е што можам да кажам дека НЛБ Банка Скопје е добро подготвена да се соочи со идните предизвици. Би сакал да ја искористам оваа прилика да му честитам на Тони за именувањето и да му посакам многу деловни успеси и лично задоволство во новата улога.“