23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Борел: Се соочуваме со две брутални војни, а многу тензии, меѓу кои и на Западен Балкан, може да излезат од контрола

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека Европа се соочува со две брутални војни во близина на нејзините граници и многу тензии, кои лесно може да излезат од контрола.

Борел, говорејќи во средата на крајот на Шумановиот форум за безбедност и одбрана во Брисел, предупреди дека некои од овие кризи би можеле да ескалираат во голема глобална конфронтација „во време кога светот стана мултиполарен, а мултилатералниот систем што треба да го одржува мирот е длабоко ослабен“.

„Ние Европејците се соочуваме со две брутални војни во близина на нашите граници и многу тензии, кои лесно може да излезат од контрола – во Либија, во Сахел, на Западен Балкан, во Кавказ, во Судан, Африка, на границите (Демократска) Република Конго, во Заливот, во Јужното Кинеско Море, во Јужна Азија, (и) бандите и наркокартелите во Латинска Америка и Централна Америка“, рече Борел.

Тој додаде дека дури и институциите, кои се јадрото на системот на Обединетите нации, како што е Меѓународниот суд на правдата (МСП), може да бидат ослабени.

„Доколку не се почитуваат пресудите на Меѓународниот суд на правдата, светот ќе биде во многу полоша ситуација. И следниот пат нема да се жалиме повторно до Меѓународниот суд на правдата ако овој пат неговата пресуда не биде спроведена – а не беше. Не е“, нагласи Борел.

Тој додаде дека знае оти „географијата е важна“ и дека „војните што ни се блиску се поважни од војните што се далеку“.

„Но, сите тие се меѓусебно поврзани. Секоја војна, секоја криза каде и да било, влијае на кое било друго место во светот“, рече Борел и додаде дека јавните добра се загрозени, од цените на енергијата до слободата на пловидба.

Тој оцени дека Шумановиот форум за безбедност и одбрана е неопходен и важен состанок.

„Тоа е втор чекор во насока на ангажирање на Европејците со остатокот од светот, а остатокот од светот е со нас“, рече Борел.

Вчера, во Брисел се одржа вториот Шуманов форум за безбедност и одбрана, на кој учествуваа политичките актери, високите носители на одлуки, воените претставници на земјите членки на ЕУ и повеќе од 60 земји партнери, како и меѓународни и регионални претставници.

Целта на форумот беше да се расветли како сегашните и потенцијалните мировни, безбедносни и одбранбени партнерства може да одговорат на најитните безбедносни закани и предизвици и да придонесат за глобалниот мир и безбедност, како и да ги поддржат меѓународниот поредок и мултилатерализмот заснован на правила./Извор:Makfax