Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска – Стојчевска во објава на социјалните мрежи прва реагираше на вчерашната свечена изјава од новиот претседател на Собранието Африм Гаши
„Новиот Претседател на Собранието на Република Северна Македонија го прекрши духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва за време на конститутивната седница на новиот собраниски состав“ пишува Костадиновска – Стојчевска.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од тесно-коалициони и тесно-партиски причини немале ни капацитет, ни причина, ни порив да помислат спротивно на ваквиот анти-македонски чин и објаснува зошто денешната свечена изјава била скандалозна.
„01. Затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следат другите, не помалку важни јазици, но утврдени со Устав согласно процентуалната застапеност на граѓаните кои го зборуваат. 02. Јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација. 03. Претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и било кој друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик.
04. Единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – сигурна сум дека денешната конститутивна седница има и силен меѓународен одек“ смета Стојчевска.
Костадиновска – Стојчевска потсети дека Гаши не е првиот претседател Албанец на Собранието на Северна Македонија.
„Тоа претходно во два наврати беше Талат Џафери и тој не го повреди духот на македонскиот Устав и заклетвата ја даде пред сѐ на македонски јазик. Потсетувам и дека Вулнет Старова, Албанец е последниот претседател на делегатското собрание на Социјалистичка Република Македонија. На таа функција беше избран на конститутивната седница на Собранието од четвртото делегатско свикување на 28 април 1986 година, кога беа избрани и новите состави на Претседателството и на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршуваше до 8 јануари 1991 година, кога беше конституирано првото повеќепартиско собрание, каде се говореше исклучиво на македонски јазик“ пишува пратеничката од СДСМ.